МАКЕДОНИЈА БАРА ОД ОФИЦИЈАЛНА СОФИЈА ДА ГИ ОСУДИ ГОВОРОТ НА ОМРАЗА И ТЕРИТОРИЈАЛНИТЕ ПРЕТЕНЗИИ ВО БУГАРСКИОТ ПАРЛАМЕНТ

    МАКЕДОНИЈА БАРА ОД ОФИЦИЈАЛНА СОФИЈА ДА ГИ ОСУДИ ГОВОРОТ НА ОМРАЗА И ТЕРИТОРИЈАЛНИТЕ ПРЕТЕНЗИИ ВО БУГАРСКИОТ ПАРЛАМЕНТПратеници на Вазраждане со натписи „Македонија е Бугарија“ на вчерашната седница на бугарскиот парламент. (Фото: БНТ/принтскрин)

    Македонското Министерство за надворешни работи бара од официјална Софија да ги осуди експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Северна Македонија како непримерен акт кон соседна пријателска држава, соопшти МНР.

    Реакцијата на МНР се однесува на однесувањето на дел од бугарските пратеници, кои на вчерашната седница беа со натписи „Македонија е Бугарија“, а пораката беше и усмено пренесена од собраниската говорница.

    „Таквите пораки се противни на европските демократски вредности, но и противни на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и не придонесуваат во негувањето на принципите и духот на Договорот. Република Северна Македонија очекува официјалните претставници на Бугарија да го осудат експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Северна Македонија како непримерен акт кон соседна пријателска држава“, велат од МНР.

    Од МНР велат дека врачиле соодветна вербална нота со оваа содржина до бугарското МНР.

    Вчера во бугарскиот парламент беше изгласана поддршка за францускиот предлог за одблокирање на македонските евроинтеграции, но под четири услови, еден од нив е внесување на двостраниот протокол за спроведување на Договорот за добрососедство во Преговарачката рамка, што е неприфатливо за македонската страна.

    Швајцарскиот весник „Ноје Цирхер Цајтунг“ (НЦЦ) вчера објави анализа за застојот во проширувањето на ЕУ и како најдобар пример за тоа го истакна случајот на Македонија, која е кандидат од 2005 година.

    „И оттогаш земјата е уценувана од ЕУ-членките. Грција ја натера да си го смени името во Северна Македонија. Тукушто го стори тоа, дојде Бугарија и побара Македонците да признаат дека не се вистинска нација, туку дека во основа се Бугари”, се вели во анализата.

    Швајцарскиот весник се осврна и на твитот на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој кажа дека сите бугарски барања се внесени во преговарачката рамка за Македонија.

    „Комесарот за проширување на ЕУ Оливер Вархеји ги прогласи бугарските уцени за сериозен приговор. Тоа не значи ништо друго освен дека Северна Македонија мора да го прифати бугарскиот поглед на историјата, доколку сака да се приближи до Унијата. Тоа е рецептот на Путин за однос кон соседите, но поелегантен, без тенкови“, пишува НЦЦ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира