НА ПОПОВА ШАПКА СЕ ГРАДАТ 80 ДИВОГРАДБИ, СРЕДЕ КАМПАЊАТА ШАР ПЛАНИНА ДА СТАНЕ НАЦИОНАЛЕН ПАРК

    НА ПОПОВА ШАПКА СЕ ГРАДАТ 80 ДИВОГРАДБИ, СРЕДЕ КАМПАЊАТА ШАР ПЛАНИНА ДА СТАНЕ НАЦИОНАЛЕН ПАРКЗа Попова Шапка, а со тоа и за викенд населбата, сѐ уште нема донесено деталан урбанистички план, но тоа не беше пречка покрај големиот број дивоградби изградени во изминативе неколку години, на Попова Шапка минатата година да се изгради и џамија висока 4 ката со минаре од дваесетина метри. Веднаш до џамијата во градба е еден поголем комплекс од објекти за кој исто така нема дозвола за градба. (Фото: СДК.МК)

    Градежната мафија интензивно работи на бетонирање на Попова Шапка, така велат од граѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“ и посочуваат дека во изминатиов период во викенд населбата се гради на секој чекор и без никаква дозвола. Тие бараат да се прекине градежната анархија за да се спаси овој наш најголем туристички зимски скијачки центар.

    „Врз база на податоците што ги имаме, моментално се градат околу 80 објекти во парцели каде што имотно-правните односи на инвеститорите се спорни, бидејки истите се градат во државно земјиште. Се бара од комуналните градежни инспекторати да постапат по законски регулативи и истите да почнуваат да ги разгледат сите предмети по редослед. Бараме да не се спроведува никаква постапка за легализација на бесправно изградените објекти кои се градени после 2011 година. Градежниот инспекторат да не дозволи продолжување на градбата за објектите за кои постои записник за прекин на градбата. Бараме од Јавното обвинителство – Основен суд Тетово, да постапи и да ги истражува овие случаи и во заедничка комуникација со СВР – Тетово и комуналниот градежен инспекторат, да се постапи по законска регулатива и истите градежни активности да се прекинат, а сопствениците да се казнат за узурпација. Ова се барања од многу жители, сопственици на викендички и хотели на Попова Шапка“, вели Хамди Сулејмани од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“.

    Овие барања биле испратени со Општина Тетово и градоначалничката Теута Арифи, СВР Тетово, Јавното обвинителство, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Министерството за транспорт и врски. Засега нема никаков одговор на нивните барања.

    За Попова Шапка, а со тоа и за викенд населбата, сѐ уште нема донесено деталан урбанистички план, но тоа не беше пречка покрај големиот број дивоградби изградени во изминативе неколку години, на Попова Шапка минатата година да се изгради и џамија висока 4 ката со минаре од дваесетина метри. Веднаш до џамијата во градба е еден поголем комплекс од објекти за кој исто така нема дозвола за градба. Минатата зима општинската градежна инспекција го сруши бачилото, кое беше инвестиција на еден Хрват, и кое се наоѓаше не во викенд населбата туку на неколку километри од Попова Шапка, додека од големиот број дивоградби на Попова Шапка сруши само неколку помали потпорни ѕидови во викенд населбата, но не сруши ниту една од 80 диво изградени викендички и други објекти.

    На 5 мај, Владата ја усвои иницијативата на Министерството за животна средина и просторно планирање за заштита на Шар Планина и прогласување за заштитено подрачје во категоријата Национален парк.

    „Со финализирањето на овој процес ќе се зголемат можностите за прекугранична соработка со соседните земји, посебно од аспект на фактот дека Шар Планина ќе стане еден од најголемите национални паркови во Европа. Истовремено, заштитата на овие подрачја значи и напредок во исполнувањето на обврските од ЕУ директивите за живеалишта и птици“, рече тогаш Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

    Заштитата на Шар Планина како национален парк е дел и од програмата на новата Влада на чело со Зоран Заев која денеска треба да се изгласа во Собранито.

    На 26 август, Министерството ја почна јавната кампања за прогласување на Шар Планина за национален парк.

    „Кампањата на терен ќе се спроведува со директно вклучување, информирање и консултирање на локалното население, приватните бизниси и сите засегнати страни кои гравитираат на подрачјето на идниот национален парк, со цел да бидат добро информирани и запознаени што претставува национален парк, кои се придобивките, вклучувајќи ги и социо-економските аспекти и зошто Шар Планина треба час поскоро да се заштити со закон“, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира