Врховниот суд, Судскиот совет и Здружението на судии денеска писмено му се обратија на премиерот Христијан Мицкоски, кажувајќи му дека со секојдневните критики без аргументи врз сите судии, всушност, нема намера да мрдне прст и да направи нешто за судството.
„Веќе подолго време Вашите коментари кои ги давате за судиите и судството ја преминаа границата на доброто однесување и преминаа во неаргументирани и паушални напади. Критиката е добронамерна само кога се даваат конкретни забелешки и конкретни предлози за решавање на проблемите. Неаргументирана критика е покажување на намера ништо да не се преземе за подобрување на состојбите, туку севкупната општествена апатија да се префрли како вина на судиите“, му напишаа судиите на премиерот Мицкоски кој и натаму се бави со нив, како пред и за време на изборната кампања, така и откако Европската комисија (ЕК) во најновиот Извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ ја критикува Владата дека доцни и со судските реформи.
Судиите му укажуваат на Мицкоски дека и во Извештајот стои оти има мешање во независноста на судството.
„Последниот Извештај на ЕК, јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт. Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност. Ова се проблеми кои државата мора да ги поправи, бидејќи истите се суштински за европската перспектива на земјата“, велат тие.
Мицкоски вчера судиите ги стави и во контекст со задолжувањето на државата, па тие и за тоа му укажаа во отвореното писмо, запознавајќи го со фактот дека со парични казни и со наплата на паушали токму судството ја полни државната каса, а не добива поврат од Буџетот.
„Судскиот систем никогаш не генерирал долгови, па оттаму нејасно е каква е поврзаноста на судството со државниот долг од 2 милијарди евра, кој недвосмислено е последица на постојаното задолжување на извршната власт, во минатото и сега. Сосема спротивно, токму судовите, преку наплата на паушали и парични казни, со години наназад ја полнат државната каса, а за возврат не добиваат никаков поврат од Буџетот, во смисла на нови вработувања, дигитализација на услугите, опремување на судниците и слично“, велат судиите.
Тие потсетуваат дека се против режим и ќе се држат до демократската поделба на власта, загарантирана со Уставот.
„Со Вашите досегашни коментари го нарушувате демократскиот принцип конципиран на рамноправност на трите власти, судската, законодавната и извршна. Судската власт е уставна категорија, а Уставот и независноста на судската власт треба да се почитуваат“, му велат судиите кон премиерот.
Вчера Мицкоски пак ги напаѓаше, не само судиите, туку и обвинителите.
„Што се однесува до реформите, реформите се однесуваат зголемување на платите. Тоа е главната реформа, тоа се реформите. Промената во шесте закони – јавнообвинителска служба, судска служба, Судски совет, Совет на јавните обвинители итн. главната реформа од ова сè е да се зголемат платите. Следната година треба да вратиме како држава поради задолжувања во минатото, не од оваа влада, повеќе од две милијарди евра од буџето од околу шест и пол милијарди евра. Тука треба да имаме пензии, социјални трансфери, плати, комунални трошоци и треба да вратиме повеќе од две милијарди евра, што некој душмански ја задолжувал државата и неродените генерации. Еве ја повикувам јавноста нека каже, ако мисли дека треба да ги дуплираме платите на обвинителите и судиите слободно кажете“, рече премиерот.
С. К. ДЕЛЕВСКА



