НАСЕР ЗИБЕРИ ИЗБРАН ЗА НОВ НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ

    НАСЕР ЗИБЕРИ ИЗБРАН ЗА НОВ НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛНасер Зибери беше кандидат на ДУИ за прв премиер Албанец на парламентарните избори во јули. (Фото: ДУИ)

    Со 61 глас „за” и ниту еден „против”, нотарот и поранешен пратеник од Партијата за демократски просперитет Насер Зибери вечерва е избран за Народен правобранител на Република Северна Македонија.

    Опозицијата предводена од Алијанса за Албанците/Алтернатива до последен момент бараше мнозинството да го повлече предлогот, зашто Зибери, според нив, е синоним за лагата на ДУИ за прв кандидат за премиер Албанец.

    Тие негодуваа дека немајќи што да им понуди ДУИ на гласачите, измисли кандидат за премиер Албанец и така доби победнички гласови на последните парламентарни избори во јули.

    „Маските паднаа, денеска со гласањето на Зибери за Народен правобранител, лагата на ДУИ излезе на виделина и засекогаш се затвори таа тема за Албанец премиер на Македонија”, негодуваа тие.

    Пратеникот Панчо Минов, пак, кажа дека како пратеници во првиот состав на Собранието на Македонија, има само убаво сеќавање за Зибери. Како што се бореше најконструктивно за правата на етничките Албанци, така тој ги градеше Уставот и државата и со своите активности остави трајни темелни вредности во поновата историја.

    Гордана Сиљановска Давкова кажа дека во политичките системи и во науката никаде не постои кандидат за премиер, зашто, како што рече, се знае како се станува премиер. Но, за Народен правобранител повика тоа да биде непартиска личност, што Зибери не е.

    ДУИ кажа дека токму Зибери е натпартиска личност и тоа што говори опозицијата, е срамота да се каже за човек како Насер Зибери.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира