НЕМАВМЕ НАМЕРА НИКОГО ДА ПОВРЕДИМЕ, РЕКОА ПРАТЕНИЦИТЕ МУКОСКИ И ВАСИЛЕВСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО

    НЕМАВМЕ НАМЕРА НИКОГО ДА ПОВРЕДИМЕ, РЕКОА ПРАТЕНИЦИТЕ МУКОСКИ И ВАСИЛЕВСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТОСпоред обвинението, пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски ги креваат гредите со што ги отвораат собраниските врати за да влезе насилната толпа во организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 (Фото: К. Попов)

    Ниту едно дејство што сме го направиле не сме го направиле со умисла, а не дај боже таа умисла да биде да го загрозиме уставниот поредок и да повредиме некого, рече пратеникот Крсто Мукоски во неговиот воведен говор како прв меѓу 33 обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.

    Според обвинението, пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски ги креваат гредите со што ги отвораат собраниските врати за да влезе насилната толпа.

    Мукоски кажа дека со обвинетите од другите групи не се познава ниту имал контакт, па од тука „не може да станува збор за терористичко здружување како што стои во обвинението“.

    Всушност, Мукоски во повеќе наврати во свјот воведен збор превиде дека во обвинието не стои „терористичко здружување“ туку „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, што е различлно дело од она што тој го спомена.

    „Особено ми е тешко и криво тврдењето дека сме имале намера некого да повредиме. Не држи ни тезата дека сме се обиделе да го спречиме изборот на Талат Џафери за претседател. Поради тешката квалификација и срамот и флеката со која сакаат да нè оцрнат, имам голема желба да докажеме која е вистината. Ќе докажеме дека сме чесни граѓани“, рече Мукоски.

    Тој дададе дека сето она што се случувало во Собранието било во тензична атмосфера, по седници долги и полни со навреди, со страв и чувство на несигурност и над 60 дена протести пред Собранието.

    „Во таков амбиент се случија и овие дејствија, но никако не можам да прифатам дека станува збор за терористичко здружување, ширење страв и со умисла нарушување на уставниот поредок“, рече Мукоски.

    По Мукоски, воведен збор даде и пратеникот Сашо Василевски кој исто така рече дека немал никаква комуникација при која се спремало план да се спречи изборот на претседател. Василевски кажа дека е доктор, редеше титули и признанија велејќи дека ни во сон не може да биде терорист.

    „Не ни можам да направам акт на тероризам. Се заколнав и пред моето семејство дека ништо не сум знаел, не сум договарал, дека сум имал некаква умисла. Вакво обвинение со кое се обвинуваме за тероризам го има само во Македонија и Венецуела“,  рече Василевски.

    Останатите тројца обвинети пратеници Љубен Арнаудов, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски не дадоа воведни зборови.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира