НИШТО НЕМА ДА МОЖЕ ДА ИЗГРАДИМЕ, СИТЕ ПАРИ ЌЕ НИ ОДАТ ЗА СТРУЈА, СЕ ЖАЛАТ ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ОТКАКО СМЕТКИТЕ ЕНОРМНО ПОРАСНАА

    НИШТО НЕМА ДА МОЖЕ ДА ИЗГРАДИМЕ, СИТЕ ПАРИ ЌЕ НИ ОДАТ ЗА СТРУЈА, СЕ ЖАЛАТ ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ОТКАКО СМЕТКИТЕ ЕНОРМНО ПОРАСНААЗа да можат нормално да работат Општините бараат субвенции од Владата и училиштата од индустриска да се префрлат на тарифатат за домаќинства. (Фото: СДК.МК)

    Нема да можеме ништо друго да сработиме бидејќи сите пари ќе треба да ги дадеме за струја, велат градоначалниците откако сметките енормно им се зголемија изминативе два-три месеци. Поради енергетската криза, фирмите со кои Општините имаа склучено договори за набавка на електрична енергија ги раскинаа договорите и сега се приморани струја да набавуваат од краен снабдувач, односно од ЕВН, со  многу повисока цена.

    Општините сега единствен спас гледаат во помош од Владата.

    „Ситуацијата е многу лоша и ваквите цени на струјата без помош од Владата нема да може да ги издржиме. За октомври и ноември сметките беа над 3 милиони денари, а за декември е 4,7 милиони денари, што е за три односно четири пати повеќе. Општината не може нормално да функционира. Цел буџет кој сме го испланирале за инфраструктурни проекти сега треба да го дадеме за сметки за струја и фактички ништо нема да можеме да работиме, само ќе имаме пари за покривање на тековни трошоци“, вели Александар Стојковски, градоначалник на скопската Општина Ѓорче Петров.

    Градоначалникот на Велес Марко Колев вели дека за декември сметката за струја која стигнала во Општината е 8 милиони денари, што е за осум пати повисока од она што со години го плаќале. Вели дека нема од каде Општината да ги собере тие пари, дури и да ги укине тековните трошоци.

    „Досега сме плаќале околу 1,5 милиони денари за струја, а тука влегуваат потрошената струја за улично осветлување, како и струјата која се користи во општинската зграда, градинките и школите. Откако ни се раскина договорот за набавка на струја сметката за октомври е 5,9 милиони денари, за ноември 6,6 милиони денари, а за декември дури 8 милиони денари, што за мене беше неверојатно. Со вакви огромни сметки ќе банкротираме“, вели градоначалникот Марко Колев.

    Дополнителен проблем за општините претставува и тоа што училиштата користат индустриска струја, па бараат од Владата, по примерот за градинките, и школите да бидат префрлени на тарифата за домаќинства која е поевтина и колку-толку ќе се намали ударот.

    „За два до три пати ни се зголемени сметките за струја во училиштата. Затоа сметаме дека една од мерките кои Владата треба да ги донесе е училиштата да се префрлат на тарифата за домаќинствата. Лоша е состојбата, тешко дека ќе може да ја издржиме кризата, нема да може да ни функционираат јавните претпријатија ако се продолжи вака. Сметките на ‘Водовод‘ од 2 милиони денари се зголемени на 7 милиони денари, а на ‘Билјанини извори‘ од 100.000 денари на речиси пола милион денари“, вели градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

    Во Куманово од оваа недела е затворен базенот откако сметките за струја и гас скокнаа од 15.000 на 50.000 евра.

    Општина Чаир почна со штедење така што на неколку улици се исклучува уличното осветлување.

    Општина Битола, како и другите општини во државата веќе го чувствува притисокот од зголемувањето на цената на електричната енергија. За споредба, сметките за електрична енергија на Oпштината овој месец, се околу 6,5 пати повисоки во споредба со тие од претходниот месец.

    „Уште немаме информација за конкретните мерки кои ќе бидат преземени од страна на Владата, а во очекување на владиното решение, Општина Битола работи на санирање на затекнатите проблеми како во делот на спортот, така и во реализацијата на инфраструктурните проекти, но и на подготовката на проектна документација за нови проекти во интерес на целата општина“, вела од Општината.

    Општина Валандово е една од ретките каде договорот за набавка на струја не е раскинат и тој е во важност до средината на февруари. Градоначалникот Перо Костадиновски, кој е и потпретседател на Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС), вели дека досега немаат проблем со повисоки сметки за струја, но ситуацијата може да се смени доколку на новиот тендер кој веќе е распишан не се јави фирма и тие како и останатите општини ќе мора да вршат набавка од краен снабдувач каде цената е берзанската плус 50 отсто.

    „Ние во цела општина поставивме енергетски ефикасно улично осветлување со што ни се намалија трошоците за струја по овој основ. Како ЗЕЛС имавме средба со Владата и беше договорено за неколку дена да се најде заеднички начин како сите ќе придонесеме за надминување на последиците од оваа криза“, вели Костадинов.

    Градоначалничката на Скопје и претседателка на ЗЕЛС Данела Арсовска, на прес коференција пред десетина дена побара итна помош од Владата велејќи дека не е време за политички игри.

    „Владата да преземе одговорност и да помогне на општините. Не е време за политички игри, сите општини се наоѓаат во алармантна состојба. Како што кажаа градоначалниците, сметките за струја сега само за два месеца им се колку буџетот за оваа намена за цела година. Нарушена е ликвидноста, а можни се рестрикции кои можат да предизвикаат прекин на услугите кон граѓаните, особено од јавните претпријатија. Бараме Владата да интервенира односно да се даде помош за да се покрие разликата во цената на струјата. Сметаме дека состојбата со цената на електричната енергија не е ставена под контрола како во другите земји. Нема правила на пазарот, а тие правила ги диктира Владата и Регулаторната комисија за енергетика“, рече Арсовска на 11 јануари на прес-конференција во ЗЕЛС.

    Во вторникот, претставници на ЗЕЛС имаа средба со владиниот економски тим на која ги доставија нивните барања да им се субвенционираат разликите од зголемените цени за да можат нормално да функционираат.

    Од Владата  по состанокот со ЗЕЛС соопштија дека „се согласиле предизвиците со кои се соочуваат единиците на локална самоупрва да се елаборираат детално, да се направат соодветни  анализи и да се предложат соодветни решенија за нивно надминување“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира