ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОДНЕСЕ ОБВИНЕНИЕ ЗА СТОЈМЕНОВ ОТИ СО ГОДИНИ ГО ГРАДИ НА ДИВО ПОРАНЕШНО „БЕКО“

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОДНЕСЕ ОБВИНЕНИЕ ЗА СТОЈМЕНОВ ОТИ СО ГОДИНИ ГО ГРАДИ НА ДИВО ПОРАНЕШНО „БЕКО“Обвинителството поднесе Обвинителен акт против едно физичко и едно правно лице за кривично дело – Бесправно градење од член 244 – а од Кривичниот законик. (Фото: К. Попов)

    Основното јавно обвинителство поднесе обвинение за градењето на диво на хотелот „ТЦЦ Плаза“ или поранешно „Беко“ во најстрогиот центар на Скопје.  Речиси 4 години, инвеститорот без одобрение за градба од Општина Центар постави темели и го крева објектот. Општина Центар пред две години поднесе кривична пријава против Борислав Стојменов и фирмата „БС Консалтинг“ во Обвинителството, од каде конечно е поднесено обвинение.

    Како што стои во соопштението од Обвинителството, поднесен е Обвинителен акт против едно физичко и едно правно лице, кои се товарат дека сториле кривично дело – Бесправно градење од член 244 – а од Кривичниот законик.

    „Обвинетиот, како одговорно лице – управител во правното лице, почнувајќи од 2018 година, без правосилно одобрение за градење издадено од надлежен орган, во име и за сметка на правното лице како инвеститор градел деловен објект на сопствено земјиште на улицата Даме Груев, Општина Центар“, велат од Обвинителството.

    За предметните две катастарски парцели, обвинетиот во 2016 добил Одобрение за градење, кое се однесува на доградба и надградба на тогаш постоечкиот објект поранешна стоковна куќа „Беко“ со ширина од 28,5 метри и должина од 42,5 метри.

    „Со стручно мислење за неисполнување на карактеристиките за носивост на доградбата и надградбата, во 2018 година тој обезбедил Одобрение од Општина Центар за отстранување на постоечкиот деловен објект. Откако го урнал објектот, без да добие ново одобрение за градење, на лице место започнал и градел нов објект со димензии од ширина  61 метар и должина 34,5 метри. Од градбата со нови димензии, која била проектирана како деловен објект со намена Б-5 хотелски комплекси од втора категорија на градби, без соодветно одобрение биле изградени две подземни нивоа“, се вели во обвинението.

    Објектот на ТЦЦ „Плаза“ во времето на екградоначалникот Андреј Жерновски добил дозвола за доградба и надградба на објектот. Но, при почетокот на градежните работи му било кажало дека темелите на објектот нема да ја издржат надградбата, па затоа го урна, со намера да го гради одново од темели. За да гради нов објект од темел, треба да добие нова дозвола за градба. Но, бидејќи Општина Центар во меѓувреме го воведе мораториумот за градба, инвеститорот не смееше да гради и немаше добиено градежна дозвола. И покрај тоа, во мај 2019 почнаа градежни работи, кои иако неколку пати беа прекинувани од Општина Центар повторно продолжуваа, па сега објектот е стасан до приземје и се поставуваат арматурите за кревање на катовите.

    Инвеститорот Стојменов во меѓувреме поднел до Општината идејно решение за да добие дозвола за градба, но како што велат од Општината, тоа е одбиено бидејќи според законот не може да се даде дозвола за објект што веќе во дел е изграден. Тоа значи дека инвеститорот може да добие градежна дозвола само ако го урне досега изграденото и потоа поднесе ново барање.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира