ОДРЕДЕН ПРИТВОР ЗА ГАЗДАТА НА „ДУРМО ТУРС“, ОСОМНИЧЕН ВО ИСТРАГАТА ЗА АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА КАЈ ЛАСКАРЦИ

    ОДРЕДЕН ПРИТВОР ЗА ГАЗДАТА НА „ДУРМО ТУРС“, ОСОМНИЧЕН ВО ИСТРАГАТА ЗА АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА КАЈ ЛАСКАРЦИ Истрагата покажала дека причина за сообраќајната несреќа е неисправност на кочниците на автобусот и брзината со која возел шоферот, а била над дозволената од 80 километри на час.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Судија на претходна постапка одреди мерка притвор на сопственикот на компанијата „Дурмо турс“ кој е првоосомничен во истрагата на Основното јавно обвинителство Скопје за сообраќајната несреќа кај Ласкарци која се случи на 13 февруари и во која загинаа 15 патници.

    Од Основниот суд Скопје 1 велат дека мерка притвор е одредена и за второосомничениот во истрагата раководителот на компанијата. Двајцата дозволиле автобусот да превезува патници иако знаеле дека сопирачките се неисправни, а раководителот инсталирал и уред со кој се манипулирал тахометарот односно не ја покажувал вистинската брзина на движење.

    Судот го одби предлогот на Обвинителството за мерка пртвор за третоосомничениот, односно за лице вработено во фирмата за технички преглед на возилата, кој иако знаел дека сопирачките се неисправни дозволил автобусот да продолжи да врши превоз.

    Во моментов се разгледуваат барањата за притвор и на останатите две лица кои работеле во фирмата за технички преглед, како и за возачот на автобусот кој во случајот на скопското Обвинителство е шестоосомничен.

    Одобрена е мерката на претпазливост за седмоосомниченото лице кое работело во трето правно лице и издало документ дека автобусот е исправен.

    Денеска на прес-конференција шефот на Основното јавно обвинителство Скопје Сашо Рајчев кажа дека се уапсени 7 лица. Истрагата покажала дека причина за сообраќајната несреќа е неисправност на кочниците на автобусот и брзината со која возел шоферот, а била над дозволената од 80 километри на час.

    Рајчев рече дека истрагата утврдила дека возачот во еден момент поради големата брзина изгубил контрола и излетал од автопатот. Пробал да закочи кога удрил во оградата на автопатот, но поради неисправност на кочниците и големата брзина не успеал и поради тоа паднал во провалијата.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира