ПОРАДИ ПОСЕТАТА НА ГЕРМАНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ РЕКОА ДЕКА НЕМА ДА ГО БЛОКИРААТ СКОПЈЕ

    ПОРАДИ ПОСЕТАТА НА ГЕРМАНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ РЕКОА ДЕКА НЕМА ДА ГО БЛОКИРААТ СКОПЈЕАко нема договор со Градот в петок ќе има масовни блокади на улиците со 200 автобуси. (Фото: К.Попов)

    Приватните превозници во вторник нема да го блокираат Скопје поради посетата на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, но нема ни да возат. Велат дека не сакаат да создаваат дополнитен метеж низ градот со оглед на тоа дека ионака ќе биде воведен посебен режим на сообраќај.

    „Се договоривме да имаме разбирање бидејќи станува збор за посета од државен интерес. За да не бидеме погрешно разбрани ќе ги повлечеме автобусите. Ако во меѓувреме нема преговори и договор со Градот, во петок ќе има масовни блокади на Скопје со 200 автобуси“, вели Ленин Јовановски сопственик од „Слобода превоз“.

    Приватните превозници цел ден од 7 часот наутро до доцна вечерта ја блокираа крстосницата кај ТЦ „Мавровка“.

    Договор за решавање на проблемот во јавниот превоз се` уште не е најден. На седницата на Советот на Град Скопје советниците од сите политички партии бараа објаснувања од градоначалничката Данела Арсвоска зошто не им го плаќа долгот од 1,5 милиони евра на приватниците поради кој јавниот превоз е во колапс.

    Арсовска им одговараше дека приватниците можат за долгот да го тужат Градот и им велеше на советниците дека штитат приватни интереси.

    „Престанете со центарот на Мицкоски да правите проблеми во јавниот превоз. Некој намерно го опструира јавниот превоз. Ќе си има нов јавен повик за приватни превозници и секој кој ги исполнува условите може да конкурира. И Општина Бутел има долг кон нас, па ние и понатаму возиме за нив, а долгот ќе си го добиеме преку тужба. Така нека направат и приватниците, јас досега тужба од нив немам добиено“, рече Арсовска.

    Приватните превозници во јавниот превоз учествуваа со 200 автобуси на линиите кои ги одржуваа. Од почетокот на ноември престанаа да возат автобусите на „Макекспрес“, а од пред една недела и на „Слобода превоз“ бидејќи немаа пари за гориво поради тоа што Град Скопје со месеци не им исплаќаше пари.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира