ПРАТЕНИЦИТЕ СЕ СОМНИЧАТ МЕЃУ СЕБЕ КОЈ ГО СНИМАЛ ДИРЕКТОРОТ НА АНБ НА ЗАТВОРЕНА СЕДНИЦА, СОБРАНИЕТО И ПО ПЕТ ТЕНДЕРИ НЕ УСПЕВА ДА ИЗГРАДИ СОБА ЗАШТИТЕНА ОД ПРИСЛУШУВАЊЕ

    ПРАТЕНИЦИТЕ СЕ СОМНИЧАТ МЕЃУ СЕБЕ КОЈ ГО СНИМАЛ ДИРЕКТОРОТ НА АНБ НА ЗАТВОРЕНА СЕДНИЦА, СОБРАНИЕТО И ПО ПЕТ ТЕНДЕРИ НЕ УСПЕВА ДА ИЗГРАДИ СОБА ЗАШТИТЕНА ОД ПРИСЛУШУВАЊЕВчера новинарите кои немаа пристап на затворената седница, први алармирале дека она што го зборуваат внатре, т.е. отчетот на директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски, а што е на степен на државна тајна, оди на Јутјуб во живо. - Собранискиот канал на Јутјуб (Фото: Јутјуб/принтскрин)

    Се отвори голема истрага во МВР, во секторот за компјутерски криминал, откако претседателот на Собранието Талат Џафери вчера го пријавил преносот на собранискиот Jутјуб канал, на седницата на Комисијата за надзор на работата на АНБ, по повод македонското државјанство на Украинецот Александр Онишенко, кој е на црната листа на САД како вклучен во руско мешање во изборите во САД.

    „Да, настанот е пријавен вчера, Секторот за компјутерски криминал во МВР постапува. За она што прашувате, засега не е побарана странска правна помош во откривањето како се случило пренос во живо од затворената комисиска седница во Парламентот”, одговорија за САКАМДАКАЖАМ.МК денеска од МВР.

    Вчера новинарите кои немаа пристап на затворената седница, први алармирале дека она што го зборуваат внатре, т.е. отчетот на директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски, а што е на степен на државна тајна, оди на Јутјуб во живо. Но, свесни за строгите законски норми, од слушнатото, тие ништо не објавиле, постапиле најпрофесионално.

    Преносот од Комисијата одел заедно со преносот од пленарната седница која се одржувала во тој момент, па првичните сомневања биле дека се работи за ненамерна техничка грешка.

    Но, постои можност и пратеник од внатре меѓу членовите на комисијата да снимал, а тој што ја добил однадвор, ја постирал на Јутјуб. Членовите на оваа комисија почнаа и меѓу себе да се сомневаат, да ги именуваат колегите кои едниот мобилен го оставиле надвор, а другиот си го внеле со себе.

    Пратениците со кои контактиравме велат дека има верзија и оти однадвор некој се закачил и во име на мислењето дека „државата ни е партал и швајцарско сирење каде секој може секого да прислушува”, па МВР ако треба и АНБ и ОТА, мора што побрзо да откријат како се случи вчера тој скандалозен упад кој е сериозно кривично дело.

    Во меѓувреме, никако да се спроведе набавката на опремата за т.н. глува, односно заштитена соба во Собранието, од каде нема да може никој да снима и праќа снимки, ни да врши директен пренос, ниту пак некој да може однадвор да снима или прислушува што се зборува и заседава внатре.

    Вчера по петти пат пропадна оваа јавна набавка, зашто неофицијално, ниедна од пријавените фирми не ги исполнувала условите во тендерот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира