ПРЕТПРИЈАТИЕТО ЗА ПАРНОТО ВО СКОПЈЕ ПРЕСТАНУВА СО РАБОТА ОТИ ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА Е НЕЗАИНТЕРЕСИРАНА ЗА НЕГО

    ПРЕТПРИЈАТИЕТО ЗА ПАРНОТО ВО СКОПЈЕ ПРЕСТАНУВА СО РАБОТА ОТИ ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА Е НЕЗАИНТЕРЕСИРАНА ЗА НЕГОГЕС плаќа казни оти не е функционално. (Фото: К. Попов)

    Ќе згасне акционерското друштво за енергетика на Град Скопје „Градски енергетски системи“ (ГЕС), кое беше формирано од ексградоначалникот Петре Шилегов и требаше да ја преземе дистрибуцијата на парно греење. Поради незаинтересираноста за него на градоначалничката Данела Арсовска и необезбедувањето пари за негово функционирање, раководството и акционерите побараа да се донесе одлука за престанување со работа.

    Директорот на акционерското друштво Гоце Трпчевски пред советниците во Советот на Град Скопје на собранието на акционери рече дека поради незаинтересираноста на градоначалничката Арсовска, ГЕС не може да функционира и затоа плаќа казни. Нема вработени, сите си дале откази бидејќи со месеци не земале плати. Цела година не се усвоени годишните извештаи и завршната сметка за 2021 година, а веќе е завршена и 2022 година.

    АД ГЕС беше формирано во време на Шилегов  за да ја преземе топловодната мрежа во Скопје, да се вклучи во гасификацијата на градот и да креира енергетски политики како една од мерките за решавање на проблемот за загадувањето во Скопје.

    Откако лани Регулаторната комисија за енергетика ја одзеде лиценцата за работа на „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) и беше распишан оглас за преземање на топловодната мрежа, Арсовска иако има претпријатије за оваа дејност рече дека нема да учествуваат на повикот. Потоа, парното во Скопје наместо Градот го презеде државната ЕСМ.

    „Ни стигна казна од 2.000 евра за друштвото и 500 евра за мене како раководно лице од Комисијата за хартии од вредност бидејќи ГЕС не е функционално, не ги извршува обврските. Имаме долг од 120.000 денари кон институции, а пари немаме. На сметка имаме 14.000 евра, но тие се добиени за проект за енергетска ефикасност на домаќинствата“, рече Трпчевски.

    Советниците, имајќи ја предвид состојбата во која се наоѓа сега ГЕС и со оглед на фактот дека Арсовска нема концепт за негово функционирање, не предложија нови членови ниту пари за негова работа и беше одлучено на наредната седница односно на собранието на акционери да се донесе одлука за престанок со работа.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира