СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО Е ВО ПОРАСТ, А ВО ПОЛОШКИОТ РЕГИОН СЀ УШТЕ НЕМА ШЕЛТЕР ЦЕНТАР ИАКО Е ЗАКОНСКА ОБВРСКА НА ОПШТИНИТЕ

    СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО Е ВО ПОРАСТ, А ВО ПОЛОШКИОТ РЕГИОН СЀ УШТЕ НЕМА ШЕЛТЕР ЦЕНТАР ИАКО Е ЗАКОНСКА ОБВРСКА НА ОПШТИНИТЕПолошкиот Регион нема шелтер центар, нема центар за интервентно сместување на жртви, нема национална СОС линија која ќе може да функционира 24 часа на ден.(Фото: СДК.МК)

    Речиси секојдневно во полициските извештаи се регистрираат случаи на семејно насилство. За една година се пријавени стотина вакви кривични дела, а минатата недела беа регистрирани три случаи на семејно насилство во еден ден. Во 90 проценти од случаите жените се жртви на семејното насилство, но и покрај ваквата крајно лоша слика во Полошкиот Регион не постои шелтер центар за згрижување на жртвите на семејното насилство. За отворање на овој вид заштитна установа со години се зборува, но ниту општините, ниту државата засега ништо не преземаат, освен што даваат ветувања дека ваков центар некогаш ќе се направи.

    Во рамките на проектот „На пат кон ЕУ, спречување на насилство врз жените“ од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, на советувањето во Тетово, уште еднаш беше потенциран проблемот со немање шелтер центар во целиот Полошки Регион.

    „Полошкиот Регион нема шелтер центар, нема центар за интервентно сместување на жртви, нема национална СОС линија која ќе може да функционира 24 часа на ден. Има само Центар за упатување на жртви на сексуално насилство кој е во состав на Општата болница во Тетово и во овој момент бројките се минимални во однос на тоа колку жени и девојки се жртви“, изјави Ана Аврамовска-Мишкова од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.

    Иако општините имаат законска обврска да издвојуваат парични средства за да се отворат шелтер центар, ниту една од деветте општини од Полошкиот регион тоа не го направила. Засега во регионот има само две советувалишта и ништо повеќе.

    „Во овој момент насилството врз жените и семејното насилство не е приоритет на овие општини. Отворен е еден советодавен центар за жени жртви на насилство кој се раководи од Министерството за труд и социјална политика и е во состав на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Општина Тетово, но тој не ги задоволува стандардите на Советот на Европа. Вториот Советодавен центар е отворен и раководен од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и тој функционира согласно сите стандарди. Но, и ова советувалиште има финансиски средства да функционира само до август оваа година, после тоа неговата финансиска одржливост е во неизвесност“, посочува Аврамовска-Мишкова.

    Поради ова жртвите на семејно насилство од Полог се приморани користат шелтри центри во другите градови во државата што воопшто не е практично и на жртвите им создава дополнителни проблеми.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира