СОБРАНИЕТО ЌЕ СЕ ОБОИ ПОРТОКАЛОВО ЗА КАМПАЊАТА ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ

    СОБРАНИЕТО ЌЕ СЕ ОБОИ ПОРТОКАЛОВО ЗА КАМПАЊАТА ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕЛани, со осветлувањето на Кале во портокалово почна кампањата „16 Дена активизам против родово базирано насилство“ на Обединетите нации. Годинава во портокалово ќе се осветли Собранието (Фото: СДК.МК)

    Денес е Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените 24 ноември и дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК го обои логото на својата страница во портокалово за да се вклучи во глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“.

    „Насилството влијае врз една од три жени и девојчиња ширум светот. Со цел да ја го запре ова грубо кршење на човековите права, агенциите на Обединетите нации ќе го одбележат Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените на 24 ноември, а ќе ѝ се придружат и на глобалната кампања ‘16 дена активизам’, со главна церемонија што ќе се одржи на 10 декември – Денот на човековите права. Портокаловата боја е избрана за ова прашање за да симболизира посветла иднина без насилство врз жените“, вели Луиза Винтон, постојан координатор на ОН во Македонија.

    Во рамките на годинешната кампања „Да го обоиме светот во портокалово: Да ставиме крај на насилството врз жените и девојчињата“, во портокалово ќе биде осветлена и зградата на Собранието.

    Во организираниот напад врз Собранието на 27 април, цел на насилство беа и жените, пратенички и новинарки, а една од иконските слики на тоа насилство останува онаа кога пратеничката Радмила Шеќеринска беше удрена по глава со сталак од камера и грубо искубана за коса.

    Во Македонија насилството врз жените има алармантни размери – за последниве четири години Националната мрежа против насилство врз жената регистрирала 20 убиства на жена како последица на семејно насилство. Тие велат дека оваа бројка ја имаат врз база на случаите за кои е известувано во медиумите, бидејќи Министерството за внатрешни работи не води посебна статистика за овие убиства кои се викаат и фемициди. Статистика за фемицидите не води ниту Министерството за труд и социјална политика.
    Фемицид е најтешка форма на насилство врз жени и може да биде директна последица на домашно насилство или интимно-партнерско насилство. Терминот фемицид означува намерно убиство на жена затоа што е жена.

    Според истражувањето на Реактор од 2012, 53% од жените сметаат дека не се пријавуваат случаите на насилство во полиција затоа што жената ќе биде засрамена или исплашена дека луѓето ќе извадат муабети за неа, додека 33% сметаат дека полицијата нема да направи ништо. Оваа студија покажува дека јавната свест за разбирањето на проблемот со насилството врз жените е ниска и несоодветствува со неговата реална распространетост.

    Во август годинава, Владата ја усвои потребата од ратификацијата на Истанбулската конвенција за борбата против насилство врз жените и домашното насилство. Истанбулската конвенција воспоставува силна практична база за превенција, заштита на жените и девојчињата од насилство и прогон на насилниците. Овој документ има за цел да воспостави еднакви права помеѓу мажите и жените со тоа што ќе се елиминира родово базираното насилство.

    Со ратификацијата на Истанбулската конвенција, од државата се очекува да воспостави правен и институционален систем кој ќе обезбеди превенција, заштита на жртвите на родово базирано насилство и прогон на сторителите. Сето ова ќе придонесе кон воспоставување на еднакви можности на жените и мажите и нулта толеранција кон било каков тип на родово базирано насилство.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира