СУСПЕНДИРАНИ ДВАЈЦА ЦАРИНИЦИ И РАКОВОДИТЕЛОТ КОИ БИЛЕ НА СМЕНА КОГА АВТОБУСОТ НА „БЕСА ТРАНС“ ИЗЛЕГОЛ ОД ЗЕМЈАВА БЕЗ ЛИЦЕНЦА ЗА МЕЃУНАРОДЕН ПРЕВОЗ

    СУСПЕНДИРАНИ ДВАЈЦА ЦАРИНИЦИ И РАКОВОДИТЕЛОТ КОИ БИЛЕ НА СМЕНА КОГА АВТОБУСОТ НА „БЕСА ТРАНС“ ИЗЛЕГОЛ ОД ЗЕМЈАВА БЕЗ ЛИЦЕНЦА ЗА МЕЃУНАРОДЕН ПРЕВОЗМинистерството за транспорт и врски денеска ја одзеде лиценцата за работа на фирмата „Беса транс“, во чиј автобус вчера во несреќата во Бугарија загинаа 45 патници. (Фото: АП)

    Суспендирани се двајца царински службеници кои биле на смена кога автобусот на „Беса транс“ што возел без лиценца за меѓународен превоз излегол од државата, а за нивниот непосреден раководител ќе следи мерка за санкционирање, соопшти Царинската управа по досега утврдените неправилности во постапувањето.

    Министерството за транспорт и врски денеска ја одзеде лиценцата за работа на фирмата „Беса транс“, во чиј автобус вчера во несреќата во Бугарија загинаа 45 патници. Од Министерството велат дека автобусот со кој македонски државјани беа на екскурзија во Истанбул немал лиценца за вршење на меѓународен превоз за патници, ниту пак за друг вид на јавен превоз на патници. Истото возило не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци и извод од лиценци за вршење на јавен внатрешен и/или меѓународен превоз на патници која ја води Министерството за транспорт и врски.

    Царинската управа соопшти дека првичните наоди од внатрешната контрола покажуваат оти на 18 ноември годинава кога автобусот излегол од државата, од царинските службеници „електронски не е евидентиран излезот на возилото со регистарски таблички СК0284БА на превозникот ‘Беса транс’ од Скопје, извршена е само заверка на евидентентиот лист за превоз на патници“.

    Од Царината објасниваат дека при контрола на влез и излез на возила и превозници кои вршат меѓународен слободен превоз на патници, како и за постапувањето по конкретниот случај, согласно член 49 од Законот за превоз во патниот сообраќај, при вршењето на слободен превоз на патници во меѓународниот патен сообраќај,во зависност од видот на превозот, превозникот мора да има: извод од лиценца, патен налог во оригинал, евидентен лист за превоз на патници, договор склучен меѓу превозникот и нарачувачот на услугата и правилно и точно пополнет патен лист на пропишан образец, потпишан и заверен од превозникот и заверен од надлежните царински служби. Врз основа на овие приложени документи, Царинската управа електронски го евидентира превозот и тоа на влез или излез при првото и при второто преминување на возилото преку граничниот премин на Македонија, во зависност од релацијата на превозот.

    „За возилото со регистарски таблички СК 0284 БА на превозникот БЕСА Транс од Скопје, во периодот од 15.10.2020 година до 11.11.2021 година, Царинската управа има евидентирано повеќе преминувања, преку граничните премини: ГЦИ Деве Баир, ГЦИ Блаце, ГЦИ Ќафасан и ГЦИ Делчево, за различни видови на превоз, вклучувајќи и евиденција на бројот на Изводот од Лиценцата за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај – слободен превоз на патници. Веродостојноста на овие приложени документи од превозникот дополнително ќе се проверува“, соопшти Царинската управа.

    Во автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во близина на Перник загинаа 45 лица од кои 12 деца, а седум патници се повредени, но се надвор од животна опасност. Македонските државјани се враќале од Истанбул, каде што заминале на 18 ноември.

    Кои се причините за несреќата треба да покаже истрагата која ќе ја спроведува бугарското обвинителство и нема да има паралелна истрага во Македонија.

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира