„ТИТАНИК“ И НАЈГОЛЕМИТЕ ПРЕДМЕТИ НА СЈО СЕ РАСПРЕДЕЛЕНИ КАЈ ЕДЕН СУДИЈА, ОД НЕГО СЕ БАРА ДА ГИ ЗАБРЗА СИТЕ ОДЕДНАШ

    „ТИТАНИК“ И НАЈГОЛЕМИТЕ ПРЕДМЕТИ НА СЈО СЕ РАСПРЕДЕЛЕНИ КАЈ ЕДЕН СУДИЈА, ОД НЕГО СЕ БАРА ДА ГИ ЗАБРЗА СИТЕ ОДЕДНАШОбвинетиот Кирил Божиновски е во куќен притвор, а обвинетиот пратеник Илија Димовски често има службени патувања. - Од судењето за „Титаник“ (Фото: СДК.МК)

    Основниот суд Скопје 1 поради критиките во јавноста за пречестото одлагање на најголемиот предмет во одделението за организиран криминал „Титаник“ за изборни нерегуларности, по обвинение поднесено од СЈО, ја повика обвинителката Лиле Стефанова да побара раздвојување во одделен судски процес на обвинението против Едмунд Темелко.

    Претходно таа пред Судот на новинарите им изјави дека пречестото одлагање на овој судски процес може да предизвика проблеми.

    Поради хируршка интервенција врз еден од 20-темина обвинети Едмунд Темелко, денеска ова судење пак се одложи. Претходно се одржа, но пред тоа имаше бројни одлагања, како поради неговата здравствена состојба, така и поради службените отсуства на обвинетиот пратеник Илија Димовски.

    СЈО смета дека за само неколку рочишта ќе биде завшена презентацијата на стотиците писмени материјални докази и ќе може да се продолжи со сослушувањето на сведоци. Бидејќи е притворски предмет, има предност и ќе може со згустени судења цело лето „Титаник“ брзо да се сведе кон крајот.

    Обвинетите Миле Јанакиески, Кирил Божиновски и Мунир Пепиќ се во притвор и „Титаник“ треба да се одвива побрзо. Кога се судеше големата група обвинети за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година, судијката Добрила Кацарска закажуваше рочишта скоро секој ден. Поради Мунир Пепиќ, кој беше обвинет и во 27 април, трпеше судењето за „Титаник“, кое судијата Осман Шабани мораше поради неговото отсуство мораше да го одложува.

    Сега откако заврши судењето за 27 април, Пепиќ е на располагање за „Титаник“ во секое време. Но судијата Шабани се соочува со друг проблем. Тој е судија дури во 7 предмети на СЈО, од кои во 4 од нив е главен судија. Во останатите е втор судија, а главен е колегата Огнен Ставрев. Но, мора да присуствува во советот секогаш, двајцата имаат исто право на глас во носењето одлуки.

    Шабани, исто како и останатите негови колеги, има и други, редовни предмети од организиран криминал, што тековно ги суди, покрај овие од СЈО. Еден од тие во кои е втор судија, е „Монструм“, судење за убиство на четири деца и еден возрасен маж, чии семејства, како и семејствата на обвинетите, секојдневно ги молат Ставрев и Шабани да има позачестени судења.

    САКАМДАКАЖАМ.МК го праша Основниот суд Скопје 1 зошто судијата Осман Шабани е најзатрупаниот судија со предмети од сите судии во Одделението за организиран криминал и корупција, зошто други судии од овој оддел имаат по еден или два предмета од СЈО и роковниците за закажани рочишта им се празни. Неодамна тој го доби и „Талир“, најновото обвинение на СЈО за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ каде што има и признание за вина. И таму има повеќемина обвинети физички и правни лица и многу сведоци и материјални докази. И овој се смета за еден од посложените случаи на СЈО.

    Засега немаме добиено одговор од Судот, зошто АКМИС-от кога врти, предметите по електронски пат ги распределува претежно кај еден судија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира