УСТАВНИОТ СУД ЌЕ РАСПРАВА ЗА ЧЛЕН ОД ВЕЌЕ НЕПОСТОЕЧКИ ЗАКОН, ПО КОЈ Е РАЗРЕШЕН ПОРАНЕШНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ВРХОВНИОТ СУД ЈОВО ВАНГЕЛОВСКИ

    УСТАВНИОТ СУД ЌЕ РАСПРАВА ЗА ЧЛЕН ОД ВЕЌЕ НЕПОСТОЕЧКИ ЗАКОН, ПО КОЈ Е РАЗРЕШЕН ПОРАНЕШНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ВРХОВНИОТ СУД ЈОВО ВАНГЕЛОВСКИНовиот Закон за Судски совет е донесен на 22.05.2019 година, а Уставен суд ќе расправа за закон донесен во 2006 година со последни измени и дополнувања во 2018 година. (Фото: принтскрин/Уставен суд)

    Уставниот суд денеска (1 јули) прва на дневен ред ставил иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на член од закон што веќе не постои. Уставниот суд досега секогаш ваквите иницијативи против непостоечки закони ги отфрлал, бидејќи се донесени нови и важат новите закони.

    Се работи за иницијатива на адвокат од Скопје, а се однесува на членот 96 од стариот закон за Судски совет, а по кој во март годинава правосилно беше разрешен поранешниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски. Кога спротивно на праксата на Уставниот суд веќе е ставен на дневен ред, тој член не може да биде укинат, туку само поништен, со што би се поништило и правосилното разрешување на Вангеловски и на сите судии кои биле разрешени по стариот закон.

    Членот 96 ја регулира постапката за жалба на одлуката на Судскиот совет за разрешување на судија/претседател на суд. По разрешувањето, судијата има право и по стариот и по новиот закон да поднесе жалба до Врховниот суд, кој формира жалбен совет составен од: тројца судии од Врховниот, четворица апелациони судии (по еден од сите 4 Апелациони судови) и двајца од судот кај што работел разрешениот судија.

    Оспорениот непостоечки став 4 од член 96 за кој ќе расправа утре Уставниот суд, гласи: „Судскиот совет во повторената постапка донесува конечна одлука, ценејќи ги напатствијата на Советот за жалба“.

    Од една страна се сомневањата дека Уставниот суд сака да ја турне и да ја врати назад одлуката за разрешување на Вангеловски и на други судии за кои се водеше постапка по стариот Закон за Судски совет, а од друга страна, има тврдења во Судот дека иницијативата е оправдана. Според ова размислување, Советот за жалба утврдува само дали постапката за разрешување била правилна и неповредена од страна на Судскиот совет. А не дали судијата навистина го сторил тоа нестручно и несовесно работење за кое бил разрешен.

    Разрешениот судија или претседател на суд, нема орган пред кој може да се жали за тоа за кое е разрешен и со тоа му е ускратено уставното загарантирано право за реална жалба, која што постои за сите видови постапки во нашиот систем, велат нашите соговорници.

    Во истата иницијатива е оспорен и членот 72, но од новиот Закон за Судски совет донесен на 22.05.2019 година, со кој исто така се регулира правото на жалба на разрешен судија.

    Подносителот ги оспорува ставот три и четири, сметајќи дека воопшто Советот за жалба не треба да одлучува за законитоста на постапката на Судскиот совет за одговорност на судија, ниту да констатира нејзина повреда, туку друг орган за реална жалба.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира