ВО СНИМКАТА НА КАМЧЕВ ШТО ЈА СЛУШАЛА СУДИЈКАТА ВЕСНА ДИМИШКОВА НА РАСПИТОТ КАЈ ОБВИНИТЕЛКАТА РУСКОВСКА, НИКАДЕ НЕ СЕ СПОМНУВАЛО НЕЈЗИНОТО ИМЕ

    ВО СНИМКАТА НА КАМЧЕВ ШТО ЈА СЛУШАЛА СУДИЈКАТА ВЕСНА ДИМИШКОВА НА РАСПИТОТ КАЈ ОБВИНИТЕЛКАТА РУСКОВСКА, НИКАДЕ НЕ СЕ СПОМНУВАЛО НЕЈЗИНОТО ИМЕОд Обвинителството велат дека обвинител мора да провери сѐ што ќе биде поднесено како пријава, дополнителен доказ, усно тврдење против некое лице и слично, па затоа била повикана и судијката која Орце Камчев ја споменувал во исказ од кој записникот во август протече во порталот „Инфомакс“. - Вилма Русковска; Орце Камчев (Фото: СДК.МК)

    Судијката на претходна постапка Весна Димишкова, која во средата беше повикана во Обвинителството за организиран криминал од шефицата Вилма Русковска на распит, но и да слуша снимка која Орце Камчев ја поднел како доказ против неа за наводно рекетирање, воопшто нема биде дел од истрагата.

    САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека во таа снимка што ѝ била дадена внимателно да ја слуша во Обвинителството, никаде не се спомнало нејзиното име. Воопшто ја немало ни обвинителката Лиле Стефанова, која кривично го гони Орце Камчев во големата истрага „Империја“, која сега таа ја продолжува.

    И за двете судијки, за Димишкова како судија која одлучуваше за мерките на претпазливост и пасошите на осомничените во „Империја“, и за Стефанова како предметен обвинител, Камчев како главен сведок во „Рекет“, дал исказ со кој се обидел да ги инкриминира како рекетарки.

    „Во снимените телефонски разговори за кои прашувате, колку што знам, нема елементи што ги инкриминираат судијката и нејзиниот брат, адвокатот Васил Димишков“, вели висок извор од Обвинителството.

    Според најновите сознанија во истрагата, токму Камчев се обидувал да го најми братот на судијката за бранител, за да Весна Димишкова се изземе од овој предмет поради конфликт на интереси. Притоа наводно ја снимил комуникацијата со него што сега ја поднел во листата докази против тие што ги пријавил дека му барале пари за да му ја олеснат истрагата.

    Името на судијката Димишкова и „адвокат Васе“ се појави и во протечениот записник од исказот на Орце Камчев кај Вилма Русковска што го објави порталот „Инфомакс“ во август оваа година. Обвинителството до сега не откри како овој доверлив документ излегол во јавноста.

    Нашите соговорници од Обвинителството велат дека обвинител мора да провери сѐ што ќе биде поднесено како пријава, дополнителен доказ, усно тврдење против некое лице и слично и оти не може во големи случаи на корупција како што е „Рекет“, овие поднесоци да ги фрли во корпа за отпадоци.

    Весна Димишкова е судијката која за време на режимот на ВМРО-ДПМНЕ ѝ ја потпиша наредбата на Катица Јанева да влезе во УБК, да изврши претрес и да ги прибави доказите за незаконското масовно прислушување во Управата.

    Димишкова ја издаде и наредбата за претрес на СЈО во домот на сега покојниот Коста Крпач во истрагата за „Трезор“ на СЈО, за незаконска набавка на опрема за прислушување.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира