ВО ТЕК Е ИСПЛАТАТА НА КАПИТАЦИЈАТА ЗА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ И НА ПОРОДИЛНИТЕ ОТСУСТВА, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО КЛЕКОВСКИ

    ВО ТЕК Е ИСПЛАТАТА НА КАПИТАЦИЈАТА ЗА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ И НА ПОРОДИЛНИТЕ ОТСУСТВА, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО КЛЕКОВСКИ„Договореното зголемување на капитациите од 33 отсто се спроведува“, рече Клековски на прес-конференцијата.(Фото: СДК.МК)

    Исплатата на капитацијата на матичните лекари, стоматолози и гинеколози во ноември во износ од 493.127.241 денари е во тек и се реализира согласно роковите, рече на денешната прес-конференција директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.

    САКАМДАКАЖАМ.МК на 6 декември, по реакција на повеќе матични лекари, објави дека три месеци доцни исплатата на капитацијата. Капитацијата што по договор требаше да им биде исплатена до 30 ноември, а редовно се доцни по 5-6 дена, не беше исплатени ни на 5 декември, пред тридневен продолжен викенд.

    Матичните лекари регираа дека последната капитација што ја земале е за август.

    „Значи, сѐ што сме работеле во септември, октомври и декември не ни е платено. Недозволиво е Фондот за здравство да доцни 3 месеци за капитација. Тоа значи дека матичните доктори финанисираат 3 месеци лечење без средства, а имаат платено плати, придонеси, и други трошоци навреме“, реагираат матичните лекари.

    Клековски денеска рече дека според договорот склучен меѓу Фондот и матичните лекари, Фондот има рок од 60 дена за исплата по прифаќањето на фактурите.

    „Матичните лекари треба фактурите за претходниот месец да ги достават од 1 до 10. во тековниот месец. Исплатата во ноември во износ од 493.127.241 денари е во тек и се реализира согласно роковите. Фондот обезбедува транапарентност и предвидливост во системот. Исто така, договореното зголемување на капитациите од 33 отсто се спроведува. Заклучно со 9 декември, активни се 948 договори за општа медицина, 972 за општа стоматологија и 149 за гинекологија. Од јули 2024 Фондот се придржува на договорените обврски“, кажа Клековски.

    Д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружениото на приватни лекари, ни рече: „Секогаш ја добиваме со џентлеменски договор со каснење од 67 дена и така е со децении“.

    За реакциите за доцнењето за исплатата на породилните отсуства, Клековски рече дека главнината се исплаќа помеѓу 10-ти и 20-ти во месецот.

    „Таа тековно се одвива во континуитет и за ноември се исплатени над 6.600 породилни отсуства. Ние правиме анализи, согледувања, бидејќи бројот на исплатени породилни отсуства секој месец варира. Можниот проблем во декември е решен со прераспределбата во буџетот каде што е зголемена позицијата за породилни отсуства и кај нас и кај Министерството за труд, бидејќи имавме раст на вкупниот број на породилни исплати поради зголемувањето на платите, а  не поради зголемување на бројот на бебиња и на породилни отстува“, кажа Клековски.

    Тој додаде дека најчест проблем со исплатата на породилните отсуства е поради задоцнетото пријавување на родилките од страна на работодавачите, а често доцнат и државни институции.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира