ВУЧИЌ ЌЕ НИ ДАДЕ 8.000 ДОЗИ ОД ВАКЦИНАТА НА „ФАЈЗЕР“, РЕЧЕ ЗАЕВ

    ВУЧИЌ ЌЕ НИ ДАДЕ 8.000 ДОЗИ ОД ВАКЦИНАТА НА „ФАЈЗЕР“, РЕЧЕ ЗАЕВВо текот на денот ќе бидат договорени деталите околу испораката на вакцините.- Вучиќ и Заев.(Фото:СДК.МК)

    Македонија ќе добие 8.000 дози од вакцината на „Фајзер/Бионтек“ од Србија. Премиерот Зоран Заев денеска кажа дека му се јавил српскиот претседател Александар Вучиќ и му понудил помош за и кај нас да почне вакцинацијата против ковид-19.

    „Ова е сериозен чин на пријателство. Претседателот Вучиќ се јави и кажа дека сакаат да ги донираат вакцините. Ние сме благодарни за тоа, но ние како земја имаме пари, ќе си платиме, по што тој кажа дека ќе ни ги даде по набавна цена. Следуваат деталите меѓу министрите за здравство, а јас денеска ќе имам уште еден разговор со премиерката Ана Брнабиќ за деталите, транспортот, регистрацијата, знаете дека сè уште протоколите се носат од соодветните наши агенции за лекови. Тоа веќе го работи министерот за здравство. Првите вакцини се онака како што личи за нашите херои, здравствените работници од ковид-центрите“, кажа премиерот Заев пред Граѓанскиот суд во Скопје, по рочиштето на кое го тужи за клевета новинарот Зоран Божиновски.

    Вакцинацијата во Србија почна на 24 декември со вакцините на „Фајзер/Бионтек“, а исто така се врши вакцинација и со руската „Спутник“. Денеска Србија треба да добие нови 19.500 дози од вакцината на „Фајзер/Бионтек“, а утре уште 250.000 од „Спутник“. Во саботата во Србија пристигнаа милион дози од кинеската вакцина, а претседателот Вучиќ најави дека ќе се вакцинира токму со неа за да покаже дека е безбедна.

    Според претходните најави на министерот за здравство Венко Филипче, Македонија првите вакцини против ковид-19 треба да ги добие во февруари, со директна спогодба со производителот „Фајзер“.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира