ЗА 2 ДЕНА ПРОДОЛЖЕН ЗИМСКИОТ РАСПУСТ ПОРАДИ ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ

    ЗА 2 ДЕНА ПРОДОЛЖЕН ЗИМСКИОТ РАСПУСТ ПОРАДИ ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТУчилиштата ќе работат, но учениците нема да посетуваат настава, а министерствата за животна средина и за здравство ќе ја следат состојбата и во координација со Министерството за образование ќе одлучат околу времетрање на продолжувањето на зимскиот распуст (Фото: Ѓ. Личовски)

    Владата одлучи да го продолжи распустот за учениците од основно и средно образование за два дена, поради зголеменото загадување на воздухот во Битола, Струмица, Тетово и Скопје. Второто полугодие место од утре, ќе почне в среда, 23 јануари.

    Владата соопшти дека оваа одлука е донесена денес преку итна координација на министерствата за образование, животна средина и здравство со која се продолжува зимскиот распуст за сите јавни и приватни основни и средни училишта.

    „Поради континуирано зголемените концентрации на загадувачки честички во воздухот во повеќе градови во Република Македонија, како и метеоролошките прогнози за следните денови, покрај серијата мерки со кои се веќе задолжени надлежните министерства, во функција на заштита на здравјето на децата и во функција на скратување на времето на изложеност на загадениот надворешен воздух, Владата донесе итна мерка за продолжување на траењето на зимскиот распуст. Зимскиот распуст за сите ученици ќе се продолжи за два дена заклучно со вторник, 22 јануари 2019“, соопшти Владата.

    Вонредни мерки за заштита од аерозагадување стапија на сила вчера за Битола, Струмица и Тетово, каде два последователни дена беа регистрирани концентрации на суспендирани честички прашина од 10 микрометри од 200 до 300 микрограми на метар кубен. Од денес вонредни мерки Владата прогласи и во Скопје, каде вчера и завчера на сите мерни станици е забележано загадување со ПМ10 честики од 250 до 400 микрограми на кубен метар. Податоци од мерните станици Лисиче и Гази Баба нема, бидејќи тие сѐ уште се во дефект.

    Од Владата велат дека училиштата ќе работат, но учениците нема да посетуваат настава, а министерствата за животна средина и за здравство ќе ја следат состојбата и во координација со Министерството за образование ќе одлучат околу времетрање на продолжувањето на зимскиот распуст.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира