ДРЖ’ ГО КРАДЕЦОТ

Значи, сѐ било џабе. Џабе сме протестирале, џабе се формирало СЈО, џабе се потрошиле парите, џабе Никола Груевски избега во Унгарија. Само Уставниот суд не работи џабе. Работи за Груевски и за педесетчлената банда.

ДРЖ’ ГО КРАДЕЦОТ

1Ајде и понатаму да се занимаваме со платите и бонусите на СЈО. Тоа е многу поважно прашање од тоа што Уставниот суд одлучи да расправа за иницијативата, со која ќе се потврди дека поранешниот претседател Ѓорге Иванов имал право да ги амнестира педесетте функционери поврзани со прислушувањето и со сомнежите за криминал што произлегоа од прислушуваните разговори, ама немал право да ја повлече амнестијата.

Значи, сѐ било џабе. Џабе сме протестирале, џабе се формирало СЈО, џабе се потрошиле парите, џабе Никола Груевски избега во Унгарија. Само Уставниот суд не работи џабе. Работи за Груевски и за педесетчлената банда. А Ѓорге Иванов и неактивен е штетен за државата.

2 Единствениот криминал за кој вреди да се расправа во оваа држава е тоа што Специјалната обвинителка Катица Јанева го рекетирала Орце Камчев. Сѐ друго за што цела деценија гледавме, чувствувавме, а после и го чувме во бомбите – не е криминал вреден за расправа. Барем не толку жолчна  каква што е расправата за надоместоците на специјалните обвинители, хонорарите на нивните соработници и – кикиритките.

Една работа е кабаетот на Катица Јанева, општата разочараност дека го правела тоа за што е обвинета и изгубената надеж дека правдата ќе ги стигне арамиите за сѐ тоа што го правеле, а за што слушавме во бомбите. Сосема друга работа е хајката што се води против Специјалното јавно обвинителство и тимот што успеа да отвори 22 случаи со обвиненија. Не е СЈО само Катица, што нѐ зафркна сите. СЈО беше формирано баш затоа што Јавното обвинителство ја штитеше власта.

Како јавноста не се разгневи дека ниту еден од високопрофилните криминалци од тие случаи на СЈО не заврши в затвор, а се разгневи за платите и хонорарите на тие што ги покренаа тие 22 обвиненија? Како не се разгневија дека судот ги одолговлекува предметите на СЈО, дека уште од самиот почеток ставаше пречки на специјалните обвинители, а се разгневија за парите? Како јавноста не се лути што во судот се закочени процесите што ги отвори СЈО? Зошто јавноста не се прашува што прави Јавното обвинителство со 19 истраги што ги презеде од СЈО. Што се случува со четириесетина почнати предистраги? Зошто по тие истраги нема ниедно обвинение? Само рекетот на Катица и Боки 13 ли го исцрпи целиот капацитет на Јавното обвинителство?

И сега одеднаш – СЈО се крадците, а обвинетите од СЈО не се. И одеднаш – крадците од истрагите и обвиненијата на сиот глас врескаат „Држ’ го крадецот“.

3 Трансакциите од платите и бонусите на СЈО не се спорни. Легнати се на трансакциски сметки, со платен данок. Не се отидени на сметки во Белизе. Специјалните обвинители и нивните соработници биле добро платени. Да. Тоа и беше целта. Да не бидат поткупливи. Тоа што шефицата им била и алчна и глупава не го поништува фактот дека ова обвинителство отвори 22 предмети со обвиненија за високи функционери. Правосилно се осудени на казна затвор поранешен премиер и поранешна министерка за внатрешни работи. Плус, овој тим работеше во време кога повеќето од овие што сега се згрозуваат од висината на хонорарите, со шепотење го споменуваа името на Никола Груевски, а името на Сашо Мијалков само во мислите си го чуваа. Во времето кога државниот обвинител Марко Зврлевски се закануваше дека ќе завршат в затвор новинарите што ги објавуваа бомбите.

На крајот на краиштата, овие пари се гледа каде се. Туку, каде се другите пари?

И зошто некој што наплаќа за професионално дадени услуги да биде нарекуван крадец? Дека само тие што наплаќаа „5 од целото“ не се крадци? И „Сител“, „Канал 5“ и „Алфа“ што наплатиле 25 милиони евра буџетски пари од 2010 до 2017 не се крадци. Тие се професионалци. Сега обвинуваат дека обвинителите зеле милиони евра за да молчат. А тие за милиони евра си предизвикуваа пречки во програмата и самите си нудеа да им снема струја.

4 Оваа власт од мрзеливост и опортунизам ги интегрираше поранешните пропагандни машини на Груевски. Наместо да ги маргинализираат на тој начин што ќе го реформираат јавниот сервис МРТВ, тие ги амнестираа за злосторствата во кои учествуваа. Ама, за тоа требаше да го имаат предвид јавниот интерес. А не партискиот. Им го оставија јавниот сервис на вмровците оти ги мрзеше да се занимаваат со него дека не им бил влијателен и ја прифатија понудата на пропагандната машинерија на Груевски да учествуваат во нивната рехабилитација. Заборавија дека таа машинерија потроши 25 милиони евра наши пари за да го одржи на власт Груевски, додека газдите на тие медиуми и нивните први пера се богатеа. Пак со наши пари. Ама, тие не треба да ги вратат парите, оти не им ги потпишала Катица Јанева.

Од мрза ли е, од глупост ли е, СДСМ уште верува дека може да ги придобие луѓето што го мразат. Во програмите на овие пропагандни медиуми се повикуваше на линч на неистомисленици на режимот. Па тие таа омраза и сега ја сејат. И допрва ќе ја сејат.

5 Не само што власта не ги придоби поддржувачите на политиките на Груевски, туку со нејзиниот опортунизам ги одби од себе и неутралните. Како можеа да си дозволат, по сите криминали за кои чувме во бомбите, сега ВМРО-ДПМНЕ да излезе со изборна платформа дека ќе се бори против корупцијата и за владеење на правото. Христијан Мицкоски да проповеда за нулта толеранција за корупција. Тој да им попува дека СЈО делело хонорари. Човекот кој беше на список за хонорари како советник на Груевски. Да зборува за непотизам човекот што му бил асистент на татка си на факултет.

И сега, ВМРО-ДПМНЕ ѝ е крива на власта дека не се збори за парите што ги украде нивното раководство, туку се збори за платите на СЈО. Дека не се битни криминалите што ги правеле функционерите во времето додека ВМРО-ДПМНЕ било на власт, ама битни се платите на обвинителите што ги ловеле нивните криминали.

Ама, вмровците добро го знаат менталитетот на луѓето кои тука се палат на муабети „кој колку пари зел“, а викаат „алал да му е“ на тој што успеал да се збогати со маткање. Плус, уште имаат од украдените пари за преку медиумите да можат да нѐ убедат дека кога ќе се вратат нема да крадат. Добро ги владеат и социјалните мрежи, троловските фабрики работат 24/7… А медиумски неписмената публика, од начитани и образовани интелектуалци до партиски послушници што не мора ни да размислуваат, а камо ли да се писмени,  ја голтаат пропагандата. Важно е да имаат мислење за на Фејсбук, фактите не се важни. Некој јадел 9 кила кикиритки дневно. Што? Да не не е така?

Лавината напади против СЈО тргна уште од моментот кога Зоран Заев и Христијан Мицкоски почнаа да преговарат за иднината на СЈО. Уште тогаш беше јасно дека СЈО ќе оди курбан. И не само што власта не се занимаваше со реформи на правосудството, туку гледаше сеир како пропаѓа СЈО. И наместо да се бори за СЈО гледаше како може и таа нешто да ќари.

6 Кога се појави на прес-конференција министерот за јавна администрација Дамјан Манчевски мислев дека ќе каже дека нешто реформирал, кога тој – ќе ги терал тие што се на државна плата да чистат.  Кога ќе го видам Дамјан, секогаш на памет ми доаѓаат оние 1.600 административци што не одат на работа, а примаат плата, а министерот упорно ги моли да почнат да работат. Си викам, дали министерот ќе ги покани и нив да дојдат да чистат. И дали до три пати ќе ги кани, ко што ги кани да дојдат на работа. И дали и оваа работа не им одговара. И дали ако не дојдат да чистат ќе ги избрка од работа, како што еве веќе две и пол години не може да ги избрка. Или уште ќе ги моли.

А кога сме веќе кај враќањето пари, парите од овие што не одат на работа кој ќе ги врати?

7 Трагедијата што ѝ се случи на Албанија со катастрофалниот земјотрес и солидарноста за помош што веднаш ја покрена уште истото претпладне, покажува дека тука сѐ уште живее човештината.  Во сета несреќа, тоа е можеби единствената утеха.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира