МАЈКЛ КОЛИНС СЕ ВРАТИ НА МЕСТОТО ОД КОЕШТО ПРЕД 50 ГОДИНИ ПОЛЕТА КОН МЕСЕЧИНАТА

    МАЈКЛ КОЛИНС СЕ ВРАТИ НА МЕСТОТО ОД КОЕШТО ПРЕД 50 ГОДИНИ ПОЛЕТА КОН МЕСЕЧИНАТАНа покана од НАСА, 88-годишниот Колинс го означи точното време кога полета нивната ракета на 16 јули 1969 (Фото: АП)

    Мајкл Колинс денеска се врати на истото место од коешто полета кон Месечината на денешен ден пред 50 години, заедно со Нил Армстронг и Баз Олдрин.

    Овојпат, целиот фокус беше врз Колинс, единствениот од легендарната тројка астронаути кој не прошета по Месечината во 1969, бидејќи Армстронг почина пред седум години, а Олдрин не се појави во вселенскиот центар „Кенеди“ во Кејп Канаверал во Флорида. На покана од НАСА, 88-годишниот Колинс го означи точното време кога полета нивната ракета „Сатурн В“ – 9.32 часот по локално време.

    Кога полетавме, ја почувствувавме сета ударна сила од ракетата. Целото тело ми се тресеше. Тоа ти дава сосема друг концепт за тоа што значи моќ. Висевме во кокпитот додека полетувавме, а потоа сѐ стана помирно и поразумно, тивко патување сѐ до Месечината. Ја чувствувавме тежината на целиот свет на нашите рамења, зашто знаевме дека сите гледаат во нас, и пријатели и непријатели“, изјави Колинс.

    Тој остана во орбитата, кога Армстронг и Олдрин се спуштија на површината на Месечината на 20 јули 1969 и таму поминаа два и пол часа.

    Колинс рече дека жали што неговите колеги не се со него на денот кога низ САД почна осумдневното одбележување на првото слетување на Месечината.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира