Мозаици од ранохристијанска базилика, откриена во 1927 година во струшко Октиси, кои со години се чувани во депо, конечно се изложени за јавност во новите конаци на црквата „Свети Никола“, изградени од мештаните и црковниот одбор на селото.
„Овој драгоцен мозаик првпат се изложува во затворен простор благодарение на мештаните од Октиси, кои се погрижија да не падне во заборав и така да пропаѓа. Мозаикот е фрагментарно сочуван, но настојувавме да добиеме што поголеми целини. Изваден е во 1990 година, пренесен во Струга, обработуван и за првпат во Македонија лиен е на подлога која ќе го заштити од пропаѓање и трулење“, објаснува Драган Вергоски, советник конзерватор за мозаик во пензија.
Конзаврацијата и реставрацијата на базиликата започнала во 1990 година. Во Спомен-домот на Миладиновци во Струга е изложен централниот дел на мозаикот, кој единствен на Балканот го претставува раѓањето на христијанството.
Вкупната површина на овој фрагментарен мозаик е околу 100 квадратни метри. Самата базилика била многу поголема во времето кога била изградена. Постоеле околу 500 квадратни метри, но поголемиот дел низ времето бил уништен.
Директорот на НУ Музај „Д-р Никола Незлобински“, Јован Василески, за следната година најави и изложбена поставка на мозаикот на ѕидовите од конаците и каталози, со што ќе се претстави базиликата со сите свои вредности.
Покрај базиликата во Октиси, во Општина Струга има уште две: во Радолишта, каде што мозаиците не се подигнати и во црквата во село Ташмануришта.
С. ВРЕНЦОВСКА