Слики, акварели и цртежи од сите творечки фази на академик Васко Ташковски содржи ретроспективната изложба која ќе се отвори вечерва во 20 часот, во објектот Даут пашин амам на Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ). Ташковски важи за водечки претставник на надреализмот, фантастичнотo сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот.
Според повеќето современици, како што вели кураторката Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија, придонесот на Ташковски во современата македонска уметност уште на почетокот на творештвото се истакнува преку следењето на една сопствена тивка и ненаметлива ликовна патека која му овозможи најсоодветно да го транскрибира авторскиот ракопис во континуитет до денес.
„За значењето на Ташковски надвор од рамките на нашата земја, неизбежен е податокот дека тој е единствен македонски автор (во времето еден од двајцата југословенски сликари застапени во ова издание), кој е претставен во едицијата ‘Сликари на фантазијата (од Хиеронимус Бош до Салвадор Дали’ / од 1974 година, во издание на ‘Федон’, а по избор на Вилијам Гаунт“, вели кураторката.
Во бројки, Ташковски има насликано околу 1.000 слики во маслена техника, над 3.500 акварели, над 1.000 цртежи, како и графики, сценографии и над 12.000 секојдневно дисциплинирано изработувани идејни скици.
Ташковски е роден на 31 август 1937 во Нижополе, Битола. Средно уметничко училиште завршува во Скопје 1958 . Дипломира на Академијата за применета уметност во Белград во 1964. Од 1966 до 1991 работи како сценограф во Македонската телевизија. Покрај сликањето во маслена техника работи и акварел, цртежи и графика. Има реализирано над 50 самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни изложби во земјата и во странство. Добитник е на многубројни награди и признанија, а од 1994 е дописен член во МАНУ.
Б. НЕСТОРОСКА