ФИЛОЛОШКИОТ ФАКУЛТЕТ ДЕНЕСКА ЌЕ ГО ЧЕСТВУВА ДЕЛОТО НА ДРАГИ МИХАЈЛОВСКИ

    ФИЛОЛОШКИОТ ФАКУЛТЕТ ДЕНЕСКА ЌЕ ГО ЧЕСТВУВА ДЕЛОТО НА ДРАГИ МИХАЈЛОВСКИВо колосалниот опус на Михајловски е и преводот на македонски на комплетното дело на Вилијам Шекспир; - промоцијата на романот „Бдеењето на Одисеј“ во 2018. (Фото: СДК.МК)

    Професорот Драги Михајловски, писател и преведувач, во чиј колосален опус е и преводот на македонски на комплетното дело на Вилијам Шекспир, денеска од 18 часот ќе биде чествуван со настан на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. На чествувањето ќе бидат читани извадоци од препевите од Шекспир, Милтон на Михајловски и одломки од негови раскази. Модераторка на настанот е проф. д-р Румена Бужаровска, а ќе учествуваат и професорите д-р Рајна Кошка-Хот, д-р Зоран Анчевски и д-р Соња Витанова-Стрезова.

    Михајловски почина на 21 февруари годинава, на 71 година. Во 2013 го заврши колосалниот книжевен подвиг долг 30 години, со преводот на целокупното творештво на Вилијам Шекспир собрано во книгата „Сите драми и сонети на Шекспир“, каде на 1.653 страници се преведени 37 драми со посебен предговор за секоја одделно и сите 154 сонети со соодветен предговор. Тој беше еден од најомилените и најпочитувани професори на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, не само кај студентите, туку и кај колегите и книжевниците.

    Михајловски е автор и на романите „Пророкот од Дискантрија“,„Смртта на дијакот“, „Мојот Скендербеј“, „Бајазит и Оливера“, „Должници“,„Швајцарија на Балканите“, и „Бдеењето на Одисеј“. Има објавено и две книги за деца, „Волшебното котле и други бајки“, и „Сиромавиот и чучурлигата“, како и две студии од областа на преведувањето, „Нераспнати богови“ и „Под Вавилон: задачата на преведувачот“. Неговите прозни дела се преведувани на англиски, германски, француски, руски, унгарски, српски, хрватски, словенечки, албански, турски, бугарски и други јазици.

    Од англиски на македонски има преведено повеќе од 110.000 стихови, меѓу кои 37 драми и 154 сонети од Вилијам Шекспир, епот „Загубениот рај“ од Милтон, „Беовулф“ од непознат автор како и проза од Тони Морисон, Кензабуро Ое, И. Б. Вајт, Стојан Христов и поезија од Т. С. Елиот, В. Б Јејтс, П. Б. Шели, В. Блејк, В. Вордсворт, Џ. Дан, Д. Волкот, Лез Мари, Б. Брејтенбах и друфи.

    Михајловски во 2018 е добитник на наградата „11 Октомври“ за животно дело од областа на културата и уметноста.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира