ЕУРИМАЖ ГО ПОДДРЖА ДЕБИТАНСКИОТ ФИЛМ „ДИЏЕЈ АХМЕТ“ НА ГЕОРГИ УНКОВСКИ СО 160 ИЛЈАДИ ЕВРА

    ЕУРИМАЖ ГО ПОДДРЖА ДЕБИТАНСКИОТ ФИЛМ „ДИЏЕЈ АХМЕТ“ НА ГЕОРГИ УНКОВСКИ СО 160 ИЛЈАДИ ЕВРАРежисерот Георги Унковски (десно) со екипата на неговиот претходен филм „Налепница“ на премиерата во 2019. (Фото: „Синема футура“)

    „Диџеј Ахмет“, дебито на режисерот Георги Унковски,  доби поддршка од од 160 илјади евра на паневропскиот филмски фонд Еуримаж, на 168. сесија во март годинава, во конкуренција со 76 европски проекти, вели Тања Ќурчинска-Пепељугоска, македонскиот национален претставник во Еуримаж.

    Од Македонија, како мнозински копродуцент, продукцијата е на „Синема футура“, „Сектор филм“ и „Протим видео продукција“, а проектот ќе се работи во копродукција со „Алтер висион“ од Чешка и „Бекрум продакшн“ и „Баш челик“ од Србија. Турскиот ТВ-канал ТРТ исто така е заинтересиран и веќе најави финансиско учество во овој проект. Филмот на Унковски беше поддржан со 380.000 евра од Агенцијата за филм во вториот рок на одлучување на конкурсот за 2020. Неговиот краток „Налепница“ освои голем број награди на светски фестивали, меѓу кои и Санденс.

    „Во мојот мандат од 2018  до денес, ова е 14. проект поддржан од Еуримаж во кој учествуваат македонските продуценти. Станува збор за поддршка од најпрестижниот филмски фонд основан од Советот на Европа и поради тоа успехот е толку значаен. Овие 14 проекти во изминатиов период добиле вкупна финансиска поддршка од 2,25 милиони евра, што доволно јасно зборува за квалитетот на македонската кинематографија и на македонските филмски работници. Кон ова ќе додадам дека завршените проекти веќе станаа и дел од најпрестижните филмски фестивали во светот. Мене особено задоволство ми причинува и фактот што Еуримаж препозна и проекти на нашите млади автори, генерациите кои очекуваме допрва да ги освојуваат фестивалите и салите во светот“, вели  Ќурчинска-Пепељугоска.

    Ќурчинска-Пепељугоска од јануари годинава е и членка на Извршниот комитет на Еуримаж. Таа е професорка по продукција и монтажа, реномиран филмски професионалец која целиот свој работен век го помина во југословенската и македонската кинематографија, а беше и сопственичка на некогаш најголемата дистрибутерска куќа „Манаки филм“.

    Во време на нејзиниот мандат, како и во ек на ковид пандемијата, во 2020 беше донесена одлуката македонските филмски работници да учествуваат со најмалку 5 проценти во меѓународните мултилателарни филмски копродукциии и со 10 отсто во билатералните копродукции, наместо како што беше претходно, да учествуваат со најмалку 10, односно 20 проценти. Тоа беше резултат на тоа што Македонија ја ратификуваше ревидираната Европска конвенција за кинематографска копродукција, со која се уредуваат односите меѓу копродуцентите што учествуваат во содавањето филм.

    Така, во тој период поддршка од Еуримаж добија „Најсреќниот човек на светот“ на режисерката Теона Стругар Митевска, „Кајмак“ на Милчо Манчевски, „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова, „Тело“ на Петра Селишкар, „Зад стоговите сено“ – првата грчко-македонска копродукција на Асимина Проедроу. За првпат лани, во иста година три македонски филмови, на Митевска, Манчевски и Венинова, имаа светски премиери на фестивалите од А-категорија, Венеција, Токио и Каиро, а копродукцијата на Проедроу освои 5 награди на фестивалот во Солун.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира