ЗАРАБОТКА НАД 10.000 ЕВРА ОД ДОЛНА ОБЛЕКА НА ТРИДНЕВНИОТ ВЕЛИГДЕНСКИ ПАНАЃУР ВО ШТИП, ЗА КОЈ ПОСЕТИТЕЛИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ГИ СПАСУВА ОД ПОСКАПУВАЊАТА

    ЗАРАБОТКА НАД 10.000 ЕВРА ОД ДОЛНА ОБЛЕКА НА ТРИДНЕВНИОТ ВЕЛИГДЕНСКИ ПАНАЃУР ВО ШТИП, ЗА КОЈ ПОСЕТИТЕЛИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ГИ СПАСУВА ОД ПОСКАПУВАЊАТАТрговци од Кочани, Виница, Скопје, Куманово, Велес и од други соседни градови продаваат сè, од обувки до долна облека, постелнини, крпи и разни блузи, јакни и друга конфекција, стар алат и што ли уште не. (Фото: СДК.МК)

    Над педесетина трговци од повеќе градови во Македонија уште во саботата ги поставија тезгите кај градскиот пазар во Штип каде се одржува традиционалниот тридневен велигденски панаѓур. Трговци од Кочани, Виница, Скопје, Куманово, Велес и од други соседни градови продаваат сè, од обувки до долна облека, постелнини, крпи и разни блузи, јакни и друга конфекција, стар алат и што ли уште не.

    „Првпат доаѓаме на панаѓур во Штип. Од првите два дена сме задоволни од прометот. Претходните два дена имаше многу потрошувачи, но денеска како трет и последен ден панаѓурот е нешто со послаба посетеност и со помалку промет. Но, добро е некако се истерува за егзистенција на мојата фамилија“, вели Елвис Јашаров од Скопје.

    Од прометот на штипскиот панаѓур е задоволен и неговиот чичко кој продава патики и разни домашни папучи. Соседната тезга е насловена како „Сè за 50 денари“. Од купувачи до тезгата не можеш и да дојдеш. Мора ред да чекаш. Се продава разна ситна конфекција, блузи, крпи и слично, по цена од 50 денари за парче.

    „Бендисавме нешто, што им фали на овие блузи, само за 50 денари. Десет пати се поевтини од чаршијата. Во бутиците во градот е оган и пламен. Панаѓурот нè спасува од високата инфлација“, велат две пензионерки кои излегле да се прошетаат и нешто да купат по евтина цена.

    На другиот крај од локацијата на панаѓурот во Штип кој завршува денеска имаше тезга со долна облека, претежно женска. На тезгата рекламни картони на кои пишува два пара прслуци 150 денари, а чорапи – пет пара за 100 денари. Ги има во сите модели, главно термо, како што велат за зима, но има и тенки за пролет и лето. Се плаќа во готово, без фискална сметка. Граѓанската организација која го организира панаѓурот им одредила цена за закупот на местото, па на трговците им наплаќа по 1.500 денари од тезга за трите дена.

    „Од двата дена сме задоволни со прометот. Вчера и завчера продадовме производи за 8.000 евра. Денеска, последниот ден поради заминувањето ќе трае пократко, па затоа и прометот ќе биде преполовен, но очекуваме заработка до 2.000 евра или вкупно од трите дена над 10.000 евра“, велат трговци на долна облека од Куманово кои заедно со останатите веќе се подготвуваат за панаѓурот што бил најавен за во Дојран при крајот на овој месец.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира