Ретроспективна изложба за 40-годишниот опус на уметникот Владимир Темков ќе се отвори вечерв во 20 часот во Чифте амам, објект на Националната галерија на Македонија (НГМ).
Темков е присутен на македонската и тогашната југословенска ликовна сцена од 1980 година, и годинава слави јубилејни 40 години од неговата прва самостојна изложба. Од тој период, па до денес, учествува на изложби во Македонија и тогашна СФРЈ, како и на многу меѓународни изложби, колонии, симпозиуми.
„Со текот на годините тој ги фиксира своите визуелни потраги. Создава сопствена тематска матрица со заеднички обележја и компонирање на елементите во линеарни и хроматски решенија, со кои достигнува занимливо рамниште на експресивност. Иако работи на повеќе тематски и концепциски циклуси, евидентно е проткајувањето на веќе утврден ликовен модус во сите циклуси и негово постојано испреплетување.
Основното тежнеење на Темков е да создава како што чекори, да слика како што дише. Идеал му е природната едноставност, па тој слика во динамичен дух, со слободни и моќни потези, а во исто време кротко и контемплативно, пренесувајќи повеќезначни мисловни пораки“, велат од Галеријата.
Роден е во Кавадарци во 1959, потекнува од работничко семејство. Основно образование завршува во ОУ ,,Страшо Пинџур“ во Кавадарци. Средно уметничко училиште и Педагошка академија завршува во Скопје во класата на професор Ванчо Георгиевски, а факултет за ликовни уметности отсек графика дипломира во класата на проф. д-р. Трајче Блажевски. Магистерски студии, отсек сликарство завршува на Факултет за ликовни уметности, Скопје во класата на проф. Благоја Маневски.
Претседател на Друштво на Ликовни уметници на Кавадарци, како и подпретседател на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Добитник е на многу домашни и меѓународни признанија од областа на ликовната уметност. Има учествувано на голем број ликовни колонии, симпозиуми, семинари.