ШТИП ИМЕНУВА УЛИЦА СПОРЕД ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ПЕДАГОГ ЈОСИФ КОВАЧЕВ, НО НЕГОВАТА РОДНА КУЌА Е РАСПАДНАТА

    ШТИП ИМЕНУВА УЛИЦА СПОРЕД ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ПЕДАГОГ ЈОСИФ КОВАЧЕВ, НО НЕГОВАТА РОДНА КУЌА Е РАСПАДНАТАРодната куќа на Ковачев е во државна сопственост и никој не знае што да прави со овие здание и локација. (Фото: СДК.МК)

    Во центарот на Штип една улица го носи името на првиот македонски педагог Јосиф Ковачев, а куќата во која се родил во 1839 денес е руина. Овој објект е во државна сопственост и никој не знае што со оваа локација. Улицата во центарот на градот што го носи неговото име се реконструира и асфалтира, но општинските власти немаат одговор што да прават со куќата во која се родил Јосиф Ковачев, кој последните две децении од неговиот живот ги поминал во Бугарија.

    Поради егзистенцијални причини и забраната од османлиската власт да врши педагошка и учителска дејност во Македонија, Ковачев бил принуден да емигрира и се преселил во Софија, каде што веднаш му биле дадени високи државнички функции. Така за Јосиф Ковачев може да се каже дека се родил на 14 јануари 1839 во Штип како Македонец, а според бугарската историографија, умрел како Бугарин во Софија на 31 октомври 1898.

    Поради трајните забрани за дејност и немањето работа, Ковачев мигрирал во Бугарија и две децении живеел во Софија

    Познатата штипска публицистка и истражувачка на образованието, Елена Јосимовска, во еден од своите последни трудови „Училиштата во Штип пред и по Јосиф Ковачев“ пишува дека со доаѓањето на османлиската империја на овие простори започнала епохата на распаѓање на образовните и просветните центри, кои биле значително развиени, и покрај силната грчка и бугарска пропаганда во тоа време.

    „Голем дел од тогашните учени луѓе биле убиени, други заробени и депортирани, а трети емигрирале во балканските и европските земји. И покрај забраните од Османлиите и силните пропаганди од грчката и бугарската страна под превезот дека се хумани, просветителската дејност се организирала во црквите преку таканаречените ќелијни училишта, кои биле со религиозен карактер. Во такво училиште учел и Јосиф Ковачев, кој продолжил со богословско учење во Белград во 1861. Две години подоцна отишол во Виена, каде што го отпечатил првиот ракопис за педагошката пракса, а во 1864 духовните студии ги продолжил во Киев. Со неговото враќање во родниот крај практично завршува старовековното ќелијно образование, а започнува модерното време со отворањето на првото педагошко училиште ‘Даскалоливниците‘ во 1869“, пишува Јосимовска.

    Според неа, Ковачев раскрстил со средновековниот модел на образование, го снабдил училиштето со нов инвентар по углед на модерните европски училишта, ја укинал поделбата на учениците по пол и за првпат ги поделил на класови според нивната возраст, со што станал основач на класните училишта. Во основното образование ја вовел звучната нагледна метода, која се користи и денес. Во Штип, а потоа и во Прилеп ги основал првите училишта за учители и ги напишал првиот учебник по педагогија и првиот буквар по нагледна звучна метода.

    Емилија Коруновска, историчарка во НУ Музеј и Завод Штип, во своите истражувања вели дека првата генерација ученици на Штипското педагошко училиште завршила во 1871. Ново во образовниот систем било воведувањето на јавен испит на крајот од годината.

    „Успехот и резултатите што ги постигнал во Штип биле повод црковно-училишната општина во Прилеп да го покани Ковачев да биде главен учител во овој град, со цел да го реформира и модернизира тамошното училиште, каде што останал од 1874 до 1877 година“, вели Коруновска.

    Јосиф Ковачев ги формирал првите библиотеки во училиштата и основал неделно училиште за сите граѓани, кое било претходница на тогашните популарни читалишта. Основач е и на фолклористиката со запишување на народни песни, приказни и поговорки и по негова задача собирачи на народното творештво станале браќата Констенцеви, Петар Чачаров, Ефрем Каранов, Иван Шандаров и Панчо Михајлов, пишува во својата книга Елена Јосимовска и додава дека Ковачев прв го вовел предметот физичко образование, но тогашните османлиски власти го сфатиле тоа како воени подготовки и забранувале изведување гимнастика во училишните дворови.

    Во повеќе научни дела и истражувања на професори од Институтот за историја и археологија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се говори дека тогаш почнале да се засилуваат репресалиите врз Ковачев, кој бил затворен во Солун. Оттаму излегол со кауција платена од негови пријатели, богати Евреи и се вратил во родниот град. Цела година не излегувал од дома, пишувал непрекинато, но поради трајните забрани за дејност и немањето работа, мигрирал во Бугарија и две децении живеел во Софија.

    Историчарката Верица Јосимовска вели дека Институтот за историја и археологија во 2011 го издал обемниот годишен зборник во кој на 200 страници се содржани научните трудови од 26 македонски историчари за делото на Ковачев. Во дел од нив стои заклучокот дека во последните години од својот живот Јосиф Ковачев ја доживеал судбината на повеќемина македонски преродбеници кои биле принудени да прифаќаат одредени норми и правила во Бугарија, но секогаш останувале Македонци.

    „По смртта на Ковачев во Софија бил формиран добротворниот фонд ‘Јосиф –Екатерина‘. Неговата сопруга, според пишани документи, инсистирала дел од фондот да биде наменет за добри студенти по славјанска филологија и педагогија и да има две стипендии за напредни студенти кои потекнуваат од Штип“, вели Верица Јосимовска.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира