Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека знаењето и искуството треба да бидат пред сè, но законот за вработени во јавен сектор предвидува да има правична застапеност на етничките заедници во сите институции, па и во болниците.
Меџити денеска беше прашан за огласот на Клиниката за гинекологија и акушерство за четворица доктори на специјализација, за кои услов е да бидат Албанци. На истиот оглас се бараат и еден Турчин и еден Ром.
„Да го расчистиме и ова. Огласот се одобрува од управниот одбор на клиниката. Според член 5 од законот за вработени во јавен сектор се предвидуваат вработувања согласно начелото за соодветна и правична застапеност. Во член 20 од истиот закон е предвидена прераспределбата на бројот на планирани вработувања да биде соодветна за одржување на правичната застапеност. Ова е законот, но знаењето и искуството се пред сè“, одговори Меџити на прес-конференција во Владата.
Ист одговор даде и премиерот Димитар Ковалчевски.
„Тоа е законот, мора огласот да биде врз основа на законот“, кажа тој.