Дваесет и четири современи авторски бајки се објавени во книгата за деца „Нови бајки од Македонија“, во издание на „Арс Ламина“ и Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ „Браво сине!“. Збирката, која беше промовирана денеска, ја уреди писателката Оливера Ќорвезироска, уредничка во „Арс Ламина“, а илустрациите се на Орце Нинески.
„Покажавме дека имаме голем и свеж креативен капацитет кај младите кои бараат шанса да ги покажат своите потенцијали. Многу сме горди што успеавме да создадеме платформа што овозможи тие да се изразат креативно, а како резултат на тоа се создадоа нови дела што станаа за кратко време едни од најпродаваните и најнаградуваните книги од Македонија“, рече Ангелка Пеева-Лауренчиќ, членка на Управниот одбор на „Браво сине!“.
Според Бранка Бугариска, директорка за издаваштво на „Арс Ламина“, вистински предизвик е во време на дигитализација да се создаде книга книга што и со својата содржина и со својот изглед ќе биде допадлива за читателите.
„Браво сине!“, во партнерство со „Арс Ламина“, реализираше значајни проекти, како „Бајки од Македонијa“, „Басни од Македонија“, „Бајки од Македонија за цела година“, „Мистериозното јајце“, „Современи бајки од Македонија“ и збирката „Детелинки-белинки“. Досега, на јавните конкурси на Движењето „Браво сине!“ се пријавиле над сто талентирани дизајнери-илустратори од земјава, а 313 автори доставиле 442 текста за новите едиции на „Современи бајки од Македонија“.
Вкупно се издадени 80 бајки од Македонија, како и четири басни од Македонија.
Едицијата „Бајки од Македонија за цела година“ е вброена помеѓу 200 најдобри книги за деца и млади во светот што се дел од годишното издание на најпрестижниот каталог на литература за деца и младинци во светот – „Вајт рејвенс“ (The White Ravens), кој е дел од најголемите светски саеми за книги што се одржуваат во Франкфурт и во Болоња. Дел од книгите во споменатите едиции се преведени на седум јазици и на Брајовата азбука, а добитници се и на светски награди и признанија.