Утре (18 мај) влезот во музејските институции во земјава ќе биде бесплатен, во чест на Меѓународниот ден музеите, соопшти Министерството за култура. Мотото на годинашното одбележување е „Музеи за едукација и истражување“.
„Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во образованието и се афирматори на темите што денес силно го засегаат светот, а кои чекаат да бидат истражени и споделени“, велат од Министерството.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество. Денот посветен на музеите е востановен од Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ со седиште во Париз и се одбележува од 1977.