Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) Никола Додов кажа дека околу 60 компании не ги исполниле обврските и злоупотребиле средства кои што им биле доделени за фантомски проекти. Тој вели дека новото раководство на ФИТР веќе наплатило 600.000 евра од долг од 3,2 милиони евра.
Додов вели дека внатрешната ревизија утврдила несоодветни договори и сомнителни практики, вклучувајќи фирми поврзани со политички функционери.
„Според нашите наоди, вкупниот износ што овие компании го должат на државниот буџет е 192.888.642 денари, што е приближно 3.200.000 евра. Овие средства, кои биле наменети за поддршка на иновативни и развојни проекти, биле злоупотребени од страна на околу 60 компании. Наместо да ги искористат средствата за реализација на проектите, тие спроведувале фантомски проекти, без конкретни резултати, што резултираа со неуспешни проекти и значителна штета за државниот буџет и граѓаните“, кажа Додов на денешната прес-конференција.
Тој рече и дека имало фаворизирање на одредени градови во државата за одобрување на средства.
„Врз основа на специјалната ревизија дојдовме до еден многу интересен феномен, а тоа е дека во Македонија во последниве неколку години се појавија два најиновативни града. Кој би рекол? Овие градови не само што се ‘лидери’ во своите области и иновациите, туку исто така ‘забележуваат’ најголем процент на доделени финансиски средства по глава на жител од Фондот за иновации и технолошки развој“, рече Додов, без да ги посочи двата града.
На прес-конференцијата, тој кажа и дека како дел од ревизијата која е во тек, особено внимание посветуваат на кој законски основ и по која постапка приватни здравствени установи (ПЗУ) станале корисници на средствата од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) за време на Ковид-кризата, кога, како што рече тој, државното здравство беше во колапс.