КОНЦЕПЦИЈАТА ЗА ГИМНАЗИСКО ОБРАЗОВАНИЕ СЀ УШТЕ Е НА ЈАВНА РАСПРАВА, НЕ Е ТОЧНО ДЕКА ЌЕ СЕ УКИНАТ ФИЛОЗОФИЈА И ЛОГИКА, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКА

    КОНЦЕПЦИЈАТА ЗА ГИМНАЗИСКО ОБРАЗОВАНИЕ СЀ УШТЕ Е НА ЈАВНА РАСПРАВА, НЕ Е ТОЧНО ДЕКА ЌЕ СЕ УКИНАТ ФИЛОЗОФИЈА И ЛОГИКА, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКАМинистерката рече дека се работи за драфт-верзија на Концепцијата која е поставена на јавна расправа. (Фото: МОН)

    Не е точно дека предметите филозофија и логика се исклучени од гимназиското образование, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска . Претходно, дел од гимназиските професори по овие предмети преку отворено писмо реагираа дека овие предмети не се опфатени во предложената концепција.

    „Радикално и категорично ја отфрламе понудената Концепција за гимназиско образование. Мноштвени се негативните импликации во однос на учениците, професорите, гимназискиот образовен процес и државата во целост. Оваа концепција, во која се отстранети философијата и општествено-хуманистичките науки нуди ограничен светоглед без можност за аналитичко, синтетичко, критичко и креативно мислење. Концепцијата се засновува на логички и методолошки проблеми – неконзистентност, неаргументираност, противречност. Во логиката, овие грешки претставуваат карактеристики на нелогичното мислење, со самото тоа, на бесмисленото мислење. Ниту една од целите на Концепцијата не може да се реализира преку системот на предмети кои како задолжителни ги нуди концепцијата, зашто тие цели не се предмет на нивното истражување и суштинска тенденција. Единствената која е повикана да ги оствари поставените образовницели, е токму философијата преку корпусот философски предмети – философија, логика и етика. Највисокиот облик на мислењето е мислењето за самото мислење. Тоа е акт на философијата“, стои меѓудругото во писмото од гимназиските професори.

    Министерката рече дека се работи за драфт-верзија на Концепцијата која е поставена на јавна расправа.

    „Сега прибираме сугестии, забелешки, предлози и откако ќе заврши јавната расправа ќе донесеме дефинитивен заклучок. Пред два дена бев на Филозофски факултет, имав средба со професорите од Филозофскиот факултет, разговаравме многу конструктивно. Очекувам и нивна поддршка, затоа што ги сослушавме и ќе постапуваме по заеднички препораки, но првенствено во корист на учениците“, рече министерката по промоцијата на првиот интергриран учебник на македонски јазик „Гинекологија и акушерство“ .

    На новинарско прашање за предметот Сеопфатно сексуално образование (ССО), таа рече дека овој предмет останува како слободен изборен предмет во деветто одделение и продолжува во средното образование.

    На 16 јануари, Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието соопштија дека е изработена нацрт Концепција за реформи во гимназиското образование и ги повикуваат сите наставници, ученици, родители, експерти и заинтересирани страни со свои мислења, предлози и забелешки да се вклучат во јавната дискусија за усвојување на најдобрата верзија.

    „Гимназиското образование во Македонија повеќе од две децении не е предмет на суштински реформи, што го доведе до состојба на недоволна усогласеност со современите потреби и меѓународните стандарди“, рекоа тогаш од МОН.

    Концепцијата е достапна на официјалната веб страница на Бирото за развој на образованието, коментари може да се испраќаат до 31 јануари на  [email protected].

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира