Македонскиот јазик е единствен јазик од словенскиот свет што нема свој корпус. Нема етимолошки речник, затоа сега интензивно се работи и очекуваме до крајот на оваа година првиот том да излезе, рече директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, на одбележувањето на Денот на македонскиот јазик и 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.
„Главниот предизвик е продолжување на континуинираното проучување на македонскиот јазик на сите рамништа, мислам на историско, дијалектолошко, ономастичко, лексичко и се разбира на современ план. Последниве години веќе имаме проучувања кои водат кон прв етимолошки речник во македонскиот јазик, како и комуниколошки проучувања, тука станува збор за медиумите и моделот на претставување на македонскиот јазик во медиумите. Меѓутоа, истовремено немаме и корпус на македонскиот јазик, а со оглед на тоа што дигитализацијата на картотеките на Институтот е завршена пред неколку години, ние сме подготвени да можеме да влеземе во проект наречен корпус на македонски јазик. Институтот има доволно едуциран кадар од една страна, а од друга страна го има електронското богатство за сите 9 картотеки и на сите рамништа во јазикот. Тука ни треба поддршка од државата, особено од особено од Министерството за образование и наука (МОН), па и од Министерството за култура и Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’, како и од техничките и информатички факултети и други институции, поединци и општествено одговорни компании. Важно е да нѐ поддржат, за да го имаме корпусот на македонскиот јазик“, рече Јованова-Грујовска пред настанот.
Проф. д-р Искра Пановска-Димкова, раководителка на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Скопје, рече дека големиот наплив на англицизми е главен предизвик со кој се соочува македонскиот јазик.
„Главниот предизвик со кој што во моментов се соочуваме е голем наплив на англицизми со кои што ние тешко може да се справиме затоа што тие влегуваат на дневно ниво во огромен број. Тоа влијае врз структурата на јазикот и е многу поопасно отколку површинските лексеми кои можат да се заменат“, рече Пановска-Димкова.
На 5 мај 1945 е објавена и озваничена македонската азбука со Решение за македонската азбука. Кодификацијата на македонскиот јазик е направена со Одлука на АСНОМ на 2 август 1944 година. Со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик, а на 7 јуни истата година е усвоен и правописот на македонскиот јазик. Потоа следуваат и основоположничките дела на великанот на македонскиот јазик и наука за јазикот, Блаже Конески: Граматиката на македонскиот јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик, со што се заокружува кодификацијата на македонскиот јазик.
Б. НЕСТОРОСКА