ДАЛАЈ ЛАМА ОБЈАВИ ДЕКА ЌЕ ИМА НАСЛЕДНИК ПО НЕГОВАТА СМРТ

    ДАЛАЈ ЛАМА ОБЈАВИ ДЕКА ЌЕ ИМА НАСЛЕДНИК ПО НЕГОВАТА СМРТВо минатото, Далај Лама се двоумел околу тоа дали 600 години старата институција да продолжи или не (Фото: АФП)

    Пребегнатиот тибетски духовен водач Далај Лама објави дека ќе има наследник по својата смрт, ставајќи крај на шпекулациите дали 600 години старата институција ќе заврши со него.

    Потврдувам дека институцијата ќе продолжи“, кажа тој во видеопорака на почетокот на средба на верски водачи во хималајскиот град Дарамшала.

    Тој додаде дека канцеларијата на Далај Лама ќе ги консултира будистичките и другите верски лидери во потрагата, за да се препознае наследникот во согласност со минати традиции.

    Никој друг нема овластување да се меша во оваа работа“, вели Лама, јасно алудирајќи на Кина.

    Далај Лама пребегна преку границата во Индија во 1959 по неуспешното востание против кинеската власт во Тибет, по што воспостави влада во егзил во Дарамшала. Тој ќе го прослави 90. роденден на 6 јули, а прославите почнаа во понеделникот.

    Во минатото, Далај Лама се двоумел околу тоа дали институцијата да продолжи или не. Пред неколку години кажа дека наследник би можел да биде женско или воопшто да го нема. Тој отсекогаш инсистирал дека наследникот ќе биде роден надвор од Кина, што го лутеше Пекинг. Иако Далај Лама отсекогаш се залагал за „среден пат“ за решавање на статусот на Тибет, Кина го смета за сепаратист.

    Сегашниот, 14. по ред Далај Лама е роден како Ламо Дондуб на 6 јули 1935 во мало тибетско село. Кога имал две години, будистичките претставници го признале за реинкарнација на претходните 13 далај лами. Устоличен пред да наполни четири години, тој се школувал во тибетски манастир и докторирал будистичка филозофија.

    Во 1950, кога имал 15 години, кинеските комунистички трупи влегле во Тибет, кој потоа бил припоен кон Кина. Тибетскиот бунт во 1959 година, со кој се барал крај на кинеската власт, бил задушен, а илјадници демонстранти биле убиени. Далај Лама избегал во Индија заедно со 10.000 следбеници и се населил во Дарамшала. Во 2011 тој се откажа од својата политичка улога, но останува главен духовен водач на тибетскиот будизам.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира