Академик д-р Сашко Кедев синоќа на свеченост во Филхармонијата го доби Орденот „8 Септември“ од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за највисоките образовно-едукативни, научни и алпинистички дострели.
Д-р Кедев, интервентен кардиолог, дописен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и алипинист, е одликуван со Орденот за активното учество во развојот на македонската демократија, особените заслуги во медицината, исклучителните образовни и научни успеси, продлабочувањето на меѓународната соработка како почесен конзул на Индонезија и за историскиот подвиг во алпинизмот како прв Македонец кој ги искачил 14-те планински врвови повисоки од 8.000 метри надморска височина. На свеченоста, Кедев ги претстави своите алпинистички достигнувања и патешествија, споделувајќи ги искуството и предизвиците со кои што се соочил.
„Каде и да оди и што и да работи по светот, тој на најдобар начин ја персонифицира Македонија. Кога станува збор за неговите професионални дострели, односно подвизи, зборовите, особено за лаик во медицината како мене, не се доволни. Доктор Кедев има биографија што не ја опишуваат епитети, туку ја потврдуваат суперлативи. Како член на академската заедница, импресионирана сум од неговиот едукативен и научно-истражувачки профил. Размислувајќи и пишувајќи за лауреатот, воочувам невидена синергија и хармонија: ако во медицината др Кедев ги достигна највисоките професионални и хумани височини, тогаш во алпинизмот буквално ги освои највисоките врвови на светот. Доктор Кедев за мене е и Дедал и Икар заедно и затоа успеваше и успева. Биографијата на академик Кедев е поучен пример за секој од нас, но и добар прирачник за идните генерации. Таа е доказ дека успесите не се ниту привилегија, ниту случајност, туку логична последица и заслужена награда за енормните, натчовечки напори на човек со голема буква“, рече Сиљановска-Давкова.
- САШКО КЕДЕВ Е ПРВИОТ МАКЕДОНЕЦ ШТО СЕ ИСКАЧИ НА СИТЕ 14 ВРВОВИ НАД 8.000 МЕТРИ И НА СЕДУМТЕ НАЈВИСОКИ КОНТИНЕНТАЛНИ ВРВОВИ
- ДЕСЕТ ПАЦИЕНТИ БИЛЕ НЕПОТРЕБНО УПАТЕНИ ВО КАРДИОВАСКУЛАРНИ БОЛНИЦИ, УТВРДЕНО OTKAKO Д-Р КЕДЕВ ОБВИНИ ЗА НЕПОТРЕБНИ ОПЕРАЦИИ ВО ПРИВАТНОТО ЗДРАВСТВО
- МИНИСТЕРОТ АЛИУ ФОРМИРАШЕ КОМИСИЈА КОЈА ЌЕ ГИ ПРОВЕРУВА НАОДИТЕ НА КАРДИОХИРУРГОТ КЕДЕВ ЗА НЕПОТРЕБНИ ОПЕРАЦИИ ВО ПРИВАТНОТО ЗДРАВСТВО



