Гилејн Максвел, осудената соработничка на сексуалниот престапник и педофил Џефри Епстин, одби да одговара на прашањата на Надзорниот комитет на Претставничкиот дом. Максвел се појави виртуелно за исказ зад затворени врати од затворот во Тексас, каде што отслужува 20-годишна казна за трговија со луѓе.
„Како што се очекуваше, Максвел се повика на Петтиот амандман и своето право да молчи. Ова е многу разочарувачки. Имавме многу прашања да поставиме за злосторствата што таа и Епстин ги извршиле, како и прашања за потенцијални соучесници. Искрено сакаме да дојдеме до вистината за американскиот народ и до правда за преживеаните, тоа е целта на оваа истрага“, рече републиканскиот претседател на Надзорниот комитет, Џејмс Комер.
Петтиот амандман од уставот на САД им дава право на Американците да избегнат самоинкриминација со одбивање да одговорат на прашања додека се под заклетва.
Претставничката на демократите Мелани Стенсбери изјави по сослушувањето дека Максвел ја искористила можноста да води кампања за помилување.
„Од разговорот со жртвите на Епстин стана јасно дека Максвел била многу лоша личност која не заслужува никаков имунитет“, порача Комер.
Во објава на социјалните мрежи претходно, адвокатот на Максвел, Дејвид Оскар Маркус, рече дека таа е подготвена да зборува целосно и искрено доколку претседателот Трамп ѝ даде помилување.
„Само таа може да го даде целосниот исказ. На некои можеби не им се допаѓа она што го слушаат, но вистината е важна“, објави тој.
Во писмо испратено до Надзорниот комитет, група жртви на Епстин ги повика пратениците да бидат скептични кон какви било информации што ги дава Максвел. Тие ја критикуваа што одбива да ги идентификува „многуте моќни мажи“ вклучени во операцијата за трговија со луѓе на Епстин и што одбива да соработува смислено со властите, велејќи дека секој посебен третман или кредибилитет што ќе се даде на нејзиното сведочење би бил катастрофален за преживеаните.
Белата куќа претходно изјави дека „не се дискутира за никакво помилување на Максвел“.
Таа беше осудена во 2021 година за нејзината улога во намамувањето малолетни девојчиња за Епстин заради експлоатација. Максвел бара помилување од Трамп и е обвинета дека ги лажела федералните службеници.



