Исламската верска заедница (ИВЗ), во присуство на нејзиниот поглавар Шаќир ефенди Фетаи, го претстави новиот имотен лист за Арабати Баба Теќе, на кој може да се забележи дека правниот основ за запишување во Агенцијата за катастар е купопродажен договор заверен на нотар на 10 февруари 2026. Ова ИВЗ го објави на својот официјален фејсбук профил, а засега нема информација од кого е купено Теќето.
„Со овој чин, се решава имотно-правниот контекст во корист на ИВЗ, прашање од особено значење за институцијата и за зачувување на нејзиниот имот. Оваа информација е важен и историски чекор за ИВЗ, муфтијата на Тетово, верските службеници и верниците“, се вели во дел од објавата на ИВЗ.
До конфликтот во 2001, со Арабати Баба Теќе управуваше текстилниот комбинат „Тетекс“, а овој угостителски објект беше еден од најдобрите и најпознатите во Македонија. Во Теќето се наоѓаше и Музејот на тетовскиот крај кој исто така за време на конфликтот беше истеран од просториите кои ги имаше, а беше уништен и дел од историските експонати. Набрзо потоа, во еден дел од Теќето влезе Бектешката заедница, а поголемиот дел од објектот го држеше ИВЗ. Бектешите и ИВЗ повеќе години водат спор кој е вистинскиот сопственик на Теќето. Од Бектешката заедница велат дека Теќето е нивно, бидејќи е изградено за потребите на Бектешката заедница уште во 1538 година.
„Ние ништо не сме нуделе и ништо не сме продавале. Овој објект отсекогаш бил сопственост на Бектешите“, изјави Арбен Сулејмани, претседател на Бектешката заедница.
З. АНДОНОВ



