Со претставата на македонскиот режисер Александар Поповски „Амадеус“ од Питер Шефер , Словенско народно гледалишче (СНГ) од Марибор на 1 април во 20 часот гостува во Македонскиот народен театар (МНТ) после 26 години. Поповски осум години е уметнички директор на СНГ Драма. Последен пат кога гостуваше овој театар во МНТ беше во 2000, со спектакуларната претстава „Дракула“ што таму ја режираше Поповски.
Директорот на СНГ Марибор Данило Роскер на денешната прес-конференција рече дека многу се радува за гостувањето и оти доаѓаат со две многу добри, ако не и најдобри претстави.
„Александар Поповски е уметнички директор во Мариборската драма веќе осум години, тоа му е втор мандат. Тоа е многу ретко во Словенија, речиси и да нема такви случаи еден уметнички директор да издржи толку долго. Затоа, Александар, честитки! Работиме многу добро и мислам дека Александар со Мариборската драма подигна некои стандарди, па сега сме многу препознатлив театар и во словенечкиот и во меѓународниот простор“, рече Роскер.
Премиерата на „Амадеус“ беше во 2024. Зборувајќи за претставата, Поповски рече дека овој текст публиката најверојатно го познава повеќе преку филмот на Милош Форман. Текстот, вели, содржи една таква убавина и еден пофалба на уметноста воопшто, особено музиката и на генијалноста.
„За Моцарт имавме одлична соработка со директорот на Мариборската опера, Симон Кречич, којшто му покажуваше на глумецот како се диригира, да го научи малку. А мене ми зборуваше за Моцарт и за што значи да транскрибираш партитура. Другите пишуваат-бришат, па проверуваат, па слушаат, Моцарт пишува. А за да пишуваш, тоа мора да доаѓа од некаде. И затоа и велат дека бил медиум преку којшто се пренесувала музиката. И од една страна и од друга страна тоа проклетство што го чувствува, дека знае оти низ него поминува генијалноста и таа музика, и начинот на којшто живеел, животот којшто го живеел, којшто е на некој начин во конфликт со средината. На сличен начин како што е Молиер во ‘Животот на Молиер’ во конфликт со средината. Едноставно, најверојатно уметникот за да биде здрав мора да биде во конфликт со сопствената средина. Тука би можел многу повеќе да кажам, ама не. Оти нема потреба“, рече Поповски.
Во претставата играат Алеш Валич, Жан Копривник, Јулија Клавжар, Давор Херга, Матија Стипанич, Матевж Бибер, Катарина Барбара Крњак, Софиа Тики, Тина Ројко, Ева Млакар Поштрак и гласот на славниот словенечки актер Борис Каваца.
За тоа колку филмот на Форман од 1984 бил инспирација за претставата, Поповски вели: „Да, тоа е еден од филмовите што навистина многу сме ги сакале. Не само јас, туку сите ние го гледавме, и тоа во кино, а не само на телевизија како денеска. Но, текстот на Шефер е толку посебен и ти дозволува да се одвоиш од она што сме го гледале. Така што, во таа смисла, филмот во ниту еден момент не служеше како некаква инспирација и во ниту еден момент не пробавме да му се доближиме во смисла на креирање на ликовите.
Постои тој феномен на начинот на смеење на Моцарт, каде што тој глумец го имаше направено многу специфично. Ние тука си игравме, имавме нешто што ќе видите, тој се смее како мелодија од еден друг композитор. Во таа смисла, тоа беше само инспирација, ама не следевме ништо конкретно од филмот“.
Сценографијата е на Вања Магиќ, костимите на Марита Ќопо и Миа Поповска, а кореографијата на Росана Хрибар.
Директорот на МНТ, Никола Кимовски рече дека МНТ лани прослави 80 години од првата претстава изведена на 3 април 1945 и годинава продолжува со одбележувањето на јубилејот.
Роденденската програма на МНТ почна вчера со стендап шоуто „Шоубиз“ на српскиот актер Никола Ѓуричко. СНГ Марибор доаѓа во Скопје со две претстави. Освен „Амадеус“, на 3 април ќе се изведе монодрамата „Безгрешна “со Наташа Матјашец-Рошкер , инспирирана од романот „Маријиниот завет“ и како омаж на истакнатиот словенечки режисер Томаж Пандур. Тој почина во Скопје во 2016 на 53 години за време на проба на претстава.
На 4 април ќе биде изведена претставата „Другата страна“ во продукција на Црногорското народно позориште од Подгорица.
Б. НЕСТОРОСКА



