ЕВРОПА Ѝ СЕ ВРАЌА НА НУКЛЕАРНАТА ЕНЕРГИЈА, ФОН ДЕР ЛАЈЕН ВЕЛИ ДЕКА ОТКАЖУВАЊЕТО ОД ЦЕНТРАЛИТЕ БИЛО СТРАТЕШКА ГРЕШКА

    ЕВРОПА Ѝ СЕ ВРАЌА НА НУКЛЕАРНАТА ЕНЕРГИЈА, ФОН ДЕР ЛАЈЕН ВЕЛИ ДЕКА ОТКАЖУВАЊЕТО ОД ЦЕНТРАЛИТЕ БИЛО СТРАТЕШКА ГРЕШКАФранција, која произведува 65 отсто од својата електрична енергија од нуклеарни извори, има далеку пониски цени на струјата во споредба со Германија. (Фото: Пекселс)

    Европските семејства и индустријата со загриженост го следат постојаниот раст на цените на гасот и нафтата, што повторно ја отвори дебатата за енергетската независност на континентот. По кризата предизвикана од руската инвазија врз Украина и актуелните тензии на Блискиот Исток, нуклеарната енергија повторно станува клучен дел од енергетските стратегии во Велика Британија и Европската Унија.

    Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на самитот во Париз изјави дека запоставувањето на нуклеарната енергија во минатото било стратешка грешка. Таа објасни дека учеството на нуклеарните централи во производството на струја во Европа паднало од една третина во 1990 година на сегашните 15 отсто, што го прави континентот ранлив и зависен од скап увоз на фосилни горива.

    Разликата во пристапот веќе се одразува врз економиите. Франција, која произведува 65 отсто од својата електрична енергија од нуклеарни извори, има далеку пониски цени на струјата во споредба со Германија. Берлин, кој одлучи целосно да ги затвори своите нуклеарни централи по несреќата во Фукушима, сега се соочува со сериозни економски проблеми и преполовени прогнози за раст на БДП поради високите цени на гасот од кој зависи неговата тешка индустрија.

    Ентузијазмот за враќање на нуклеарната енергија е видлив во повеќе земји. Италија подготвува закони за укинување на забраната за нуклеарки, Белгија ги менува плановите и инвестира во постојните капацитети, а Шведска ја повлече четири децении старата одлука за напуштање на оваа технологија. Британската министерка за финансии, Рејчел Ривс, оцени дека нуклеарната енергија е неопходна за националната отпорност и економскиот раст.

    Францускиот претседател Емануел Макрон смета дека овој вид енергија е клучен не само за декарбонизација и постигнување на климатските цели, туку и за задоволување на огромните потреби за струја што ги наметнува развојот на вештачката интелигенција и дата-центрите.

    Сепак, експертите предупредуваат дека нуклеарните проекти не се брзо решение. Изградбата на нови реактори трае долго и често е придружена со големи доцнења и високи трошоци. Покрај тоа, неколку земји од Централна Европа сè уште зависат од руската нуклеарна технологија и ураниум, што претставува дополнителен стратешки ризик.

    Како попрактична алтернатива, Европската комисија и САД почнаа да инвестираат во мали модуларни реактори (SMR). Овие постројки се поевтини, можат фабрички да се произведуваат и се погодни за локално загревање или напојување на специфични индустриски објекти. Брисел веќе објави инвестициски пакет од 330 милиони евра за развој на оваа технологија, со надеж дека првите вакви реактори ќе почнат со работа до почетокот на следната деценија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира