СЕ НАМАЛУВА КОЛОНИЈАТА КОРМОРАНИ НА ОСТРОВОТ ГОЛЕМ ГРАД, А РАСТЕ НА ЧАПЈИТЕ

    СЕ НАМАЛУВА КОЛОНИЈАТА КОРМОРАНИ НА ОСТРОВОТ ГОЛЕМ ГРАД, А РАСТЕ НА ЧАПЈИТЕПребројувањето на гнездечките колонии на островот Голем Град се спроведува за да се следи најголемата гнездечка колонија на корморани во државата, а покрај тоа и на останатите тамошни колонијални гнездилки (Фото: MEД)

    На островот Голем Град во Преспа има 1.044 активни гнезда на корморани и чапји, објави Македонското еколошко друшство (МЕД). Од нив, 865 гнезда или 83 проценти се на кормораните. Но, покрај ваквите бројки, и годинава како и лани се бележи намалување на вкупниот број гнезда на корморани, а зголемување на оние на чапјите.

    Според неодамнешното пребројување што МЕД го спроведе во соработка со Националниот парк (НП) „Галичица“, покрај гнездата на колонијата корморани, утврдено е дека сивата чапја има 126 активни гнезда, а педесетина ѝ припаѓаат на малата бела чапја.

    „Во последните две години, на терен забележуваме и колонија на чавки кои им ги напаѓаат гнездата на кормораните и ги уништуваат јајцата штом возрасните единки го напуштат гнездото, со што влијаат врз бројноста на кормораните. Покрај тоа, бележиме дрвја на кои имало гнезда кои сега не постојат, веројатно како последица на бури. Сите овие се фактори на природна контрола на популацијата на кормораните, коишто ќе продолжиме да ги следиме на годишно ниво“, велат од МЕД.

    Пребројувањето на гнездечките колонии на островот Голем Град се спроведува за да се следи најголемата гнездечка колонија на корморани во државата, а покрај тоа и на останатите тамошни колонијални гнездилки. Оваа активност се спроведува повеќе од 10 години и е дел од програмата за мониторинг на „Галичица“, која ја поддржува Македонското еколошко друштво. Мониторингот на гнездечката колонија на Голем Град се реализира во рамки на проектот „ПреспаНЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“, поддржан од повеќе организации.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира