Со симболичното патување од Зелениково до Железничката станица Скопје, денеска стартуваше првата фаза од проектот „Градски воз“, со кој периферните населени места и општини се поврзуваат со централното подрачје на Скопје. На првото возење беа и премиерот Христијан Мицкоски, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и дел од скопските градоначалници.
Возниот ред предвидува да има по девет поаѓање од Зелениково и од Транспортен центар, а патувањето ќе трае од 24 до 28 минути. Картата ќе чини 40 денари, а повратен билет ќе биде 70 денари.
„Реализацијата на градскиот воз е доказ дека кога се има јасен план, концепт и визија, може да се реализираат проекти. Нешто што пред две години се сметаше за заборавено и напуштено, а тоа е железничкиот превоз, се враќа во превоз“, кажа Николоски.
Тој повика што повеќе граѓани и млади да го користат возот секојдневно.
„Се надевам дека ќе го користат многумина. Се надевам дека многу ќе им помогне на учениците, средношколците и на сите оние кои сакаат навреме да стигнат на своите работни места”, рече Николовски.



