Историчарот Ден Џонс доби задача да напише нова приказна за Џејмс Бонд во чест на Националната година на читањето. „Сѐ или ништо“ (All In) му оддава почит на четвртиот роман на авторот на Бонд, Ијан Флеминг, „Дијамантите се вечни“ (Diamonds Are Forever) , 70 години по неговото објавување во 1956 година.
Новата приказна е најавена на 5 октомври, познат како „Денот на Џејмс Бонд“, бидејќи на тој датум во 1962 премиерно беше прикажан првиот филм за агентот 007 „Доктор Но“ (Dr. No).
Дејството на новата авантура го затекнува Бонд во Шри Ланка во 1954, во периодот кога Британците ја напуштаат земјата.
„Да добијам покана да напишам приказна за Џејмс Бонд е една од најголемите почести во современата книжевност. Многу сум возбуден што ќе го однесам Бонд во Шри Ланка во еден толку пресуден момент од светската историја и воодушевен сум што издавачката куќа ‘Ијан Флеминг публикејшнс’ има доверба во мене да му оддадам почит на ‘Дијамантите се вечни’ којa е една од големите книги во серијалот за Бонд. Но, најсреќно е детето во мене, малото момче кое толку многу читаше што во сабота одеше двапати во библиотека, кое ја читало и задната страна од кутијата со житарици за појадок ако му снемало книги и кое едвај се осмелуваше да сонува дека еден ден ќе стане писател, а камоли писател од кого ќе биде побарано да даде сè од себе за Националната година на читањето“, изјави Џонс.
Првиот роман за Бонд, „Казино Ројал“ е објавен во 1953. Флеминг напишал 12 романи за Бонд и две збирки раскази.
Неколку автори го продолжија серијалот, а најнов е Чарли Хигсон со „Крал Зеро“ (King Zero), објавен во септември.
„Сѐ или ништо“ ќе биде објавен како специјално издание на 3 декември преку ianflemingshop.com.



