ТОНЕ БРОД ВО СТУДЕНЧИШТА, МОЖЕ ДА ПЛАМНЕ ЦЕЛ КАНАЛ ОД ИЗЛЕАНОТО ГОРИВО

    ТОНЕ БРОД ВО СТУДЕНЧИШТА, МОЖЕ ДА ПЛАМНЕ ЦЕЛ КАНАЛ ОД ИЗЛЕАНОТО ГОРИВОКаналот Студенчишта се користи за вкотвување на пловни објекти надвор од сезона, бидејќи Охрид нема марина. - Од бродот „Мис Стон“ се разлеа гориво по целиот канал (Фото: Д. Чубриќ)

    Во каналот Студенчишта кај Билјанини извори во Охрид од пред еден час почна да тоне бродот „Мис Стон” кој беше тука вкотвен со години. Од пловилото се разлеа гориво по целиот канал, а може да се види и на вливот на каналот во Езерото. Поради присуството на големи количини гориво на површината на водата се стравува дека само еден опушок од рибарите кои што тука ловат рива може да пламне цел канал.

    Бродот „Мис Стон” во каналот е вкотвен со години. За него долго време никој не се грижеше. Најверојатно поради дотрајаност на пловилото водата навлезе во него и тоа се наведна на една страна и натаму полека тоне.

    „Веднаш по дојавата за излеаното гориво од бродот ние се оргнизиравме, обезбедивме пумпи со кои ќе ја извадиме целата количина на горивото од каналот. Нашите екипи се на самото место на настанот и интензивно работаат на остранувањето на горивото”, вели капетанот на Капетанијата во Охрид Горан Устијанивски, кој прв стигна во каналот за да ја санира состојбата.

    Од чистењето на излеаното гориво во каналот Студенчишта.

    Ова не е прво потонување на брод во каналот.Пред неколку години тука пропадна хидрокрилниот брод на „Силекс”, но тој немаше мотор и во него немаше гориво.

    Каналот Студенчишта се користи за вкотвување на пловни објекти надвор од сезона, бидејќи Охрид нема марина. Многумина предупредуваа дека Билјанини извори може да експлодираат бидејќи токму тука глисерите и јахтите се полнат со гориво од канти од кои истекува нафта во каналот, а тоа може да предизвика на палење на горивото и еколошка катастрофа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира