Ексразузнавачот Ѓорѓи Лазаревски, кој извлече докази и копии за масовното незаконско прислушување од страна на УБК и кој беше во притвор како обвинет во измислениот предмет „Пуч“ на обвинителите Златко Биковски и Марко Зврлевски, денеска ги критикуваше сегашната и претходната влада за третманот на Законот за укажувачите.
„Оваа Влада не го смета Законот за укажувачи за приоритет. Во 2010 година кога решивме да станеме укажувачи, немавме институција каде можеме да се обратиме. Баравме личност која може да се носи со тежината на случајот. Затоа се обративме до ексдиректорот на УБК Зоран Верушевски. Во тој момент ги дадовме не само информациите, туку и нашите судбини и судбините на нашите семејства. За среќа не се осудија да преземат дејствија со трајни последици, идејата беше да обвинат друг за кривично дело“, раскажуваше Лазаревски на денешната трибина „Две години од неприменувањето на Законот за укажувачите“, во организација на НВО Инфоцентар.
Два дена пред бомбите тој бил во МВР да пријави, а средбата ја организирал Костовски.
„Бев 12 часа во МВР, по што добив притвор. Спогодбата на Звонко беше мудар потег. Тоа беше нотирано и во Извештајот на Прибе. Звонко е јунакот на Македонија кој ги обезбеди бомбите. Алтернативата беше да се обвини СДСМ за злосторничко здружување. Имаше обвинение кон фиктивен странски фактор. Обвинителот Златко Биковски се израдува кога му реков дека ќе ја прифатам спогодбата. Дури облече и тога. Кога отидовме кај судијата на претходна постапка реков дека не ја прифаќам спогодбата зашто обвинителот ме тера да прифатам туѓо кривично дело“, рече Лазаревски.
Лазаревски, кој е без работа и за него засега не се отворени вратите да се врати назад на своето работно место, како што налага и Законот за укажувачи, раскажа како ги ризикувале животите за да ги обезбедат доказите за масовното кршење човекови слободи и права во УБК.
„Ги вадевме материјалите внимателно. Копии правев јас. Ги подававме на мемориски стикови во ходник на разминување. Бевме безбедни зашто никој не се посомнева во нас. Во УБК имаше луѓе кои знаеја за прислушувањето, правеа транскрипти, а не пријавија. Уште во 2008 година дознав дека се прислушува, но тогаш оганот беше помал. Не смее УБК да биде надзорот на прислушувањето, тоа треба да биде ОТА“, рече овој експерт засега непожелен во МВР.
С. К. ДЕЛЕВСКА