Легендарниот француски пејач, композитор и актер Шарл Азнавур, чија кариера траеше повеќе од осум децении, почина на 94 години, објави неговиот портпарол.
Уметникот со ерменско потекло, кого го викаа францускиот Френк Синатра, во богатата кариера продаде повеќе од 180 милиони албуми, но оствари и 70-на филмски улоги.
Тој беше еден од најпопуларните и најдолговечни француски пејачи, кој напиша и сними повеќе од 1.200 песни на осум јазици, па неретко беше нарекуван „француско поп божество“. Најпознат по хитот „Таа“ од 1974 година, Азнавур минатата година доби ѕвезда на холивудската Патека на славните.
„Си-Ен-Ен“ во 1998 го прогласи за пејач на векот.
Азнавур во 2009 ја посети и Македонија, кога ја прими наградата за животно дело Златна маска на Фестивалот на француски филм во Охрид.