Шестмесечно бебе од Куманово утрово починало на Клиниката за инфективни болести од компликациите предизвикани од мали сипаници, кажа министерот за здравство Венко Филипче.
„За жал утрово на Клиниката за инфективни болести почина едно шестмесечно бебе кое имаше морбили. Имаше компликација на белите дробови, а тоа е детенце кое е невакцинирано. Претходно се лекувало на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, а потоа префрлено на Клиниката за инфективни болести. За жал лекарите не можеа да се справат со компликацијата“, рече Филипче.
Тој кажа дека добро е што над 60 отсто од невакцинираните деца по почетокот на епидемијата се вакцинирале и повторно повика родителите да ги вакцинираат децата.
„Искрено се надевам дека трендот на вакцинацијата ќе продолжи, затоа што е тоа единственото нешто кое треба и мора да се направи за да се подигне колективниот имунитет, по падот со опфатот во вакцинација некаде 2014 и за жал сега се соочуваме со последиците“, кажа Филипче.
На Инфективна, како што рече Филипче, уште две деца имаат сериозни компликации, но се во стабилна состојба.
„Има уште две деца кои се во тешка состојба, но се стабилни. Тие имаат сериозно воспаление на белите дробови, но виталните параметри им се стабилни и не се во животозагрижувчка состојба“, рече Филипче.
Е. БОЧВАРОСКА