АПЛИКАЦИЈАТА ЗА ПОВРАТ НА ДДВ НЕМА ДА ГИ ЧИТА ФИСКАЛНИТЕ СМЕТКИ БЕЗ БАРКОД

    АПЛИКАЦИЈАТА ЗА ПОВРАТ НА ДДВ НЕМА ДА ГИ ЧИТА ФИСКАЛНИТЕ СМЕТКИ БЕЗ БАРКОДАпликацијата за поврат на ДДВ може да се симне од интернет страницата на УЈП, а насекаде низ државата има апарати со баркод читачи за повозрасните и за ранливите категории. (К.Попов)

    Фискалните сметки на кои нема баркод, што значи дека не се поврзани на системот на Управата за јавни приходи, ќе се сметаат за невалидни и за тие нема да важи повратот од 15 отсто од данокот на додадена вредност (ДДВ) за физичките лица. Оваа мерка стартуваше денес, а според директорката на УЈП Сања Лукаревска тоа не значи дека овие сметки се незаконски издадени, бидејќи во системот не влегуваат малите фирми, кои не се ДДВ обврзници, бидејќи немаат годишен промет над милион денари.

    „Апликацијата за скенирање на сметките нема да ги земе предвид оние фискални сметки кои немаат баркод, односно ќе ги одбие како невалидни. Има ДДВ обврзници кои имаат фискални каси со баркод, но не ги користат, зошто е тоа не знаеме и граѓаните во таков случај може да ги пријават на телефонскиот број 198. На овој начин освен што граѓаните ќе можат да вратат дел од данокот што го плаќаат за добрата и услугите, ќе може да ни помогнат и во борбата со сивата економија“, рече Лукаревска.

    На прашањето зошто доцнеше носењето на законот со кој се овозможува стартување на повратот на ДДВ за граѓаните, односно зошто се донесе три дена пред да стартува мерката по скратена постапка, во која опозицијата не гласаше, Лукаревска рече дека доцнењето е од техничка природа и дека од нивна страна навреме ги завршиле сите обврски.

    Апликацијата „Мој ДДВ“ од денес е достапна на страната на УЈП, а граѓаните ќе може да скенираат сметки до триесет илјади денари. Директорката на УЈП вели дека апликацијата е едноставна за користење и дека ќе може да ја користат сите граѓани кои имаат андроид телефон.

    „Апликацијата засега не е достапна за ајфон, бидејќи се работи за посилна мрежа, но очекуваме дека наскоро ќе биде достапна и за нив“, рече Лукаревска.

    За една година едно физичко лице ќе може да направи поврат од 7.200 денари, а четиричлено семејство поврат од 28.800 денари.

    „Тие треба да имаат над 15 години, документ за идентификација со своја трансакциска сметка. За сите граѓани, како за повозрасните така за ранливите категории имаме киосци низ целата држава со апарати и баркод читачи, каде ќе можат да ги скенираат своите сметки“, рече Лукаревска.

    Таа кажа дека првиот поврат на средства граѓаните ќе може да го добијат до крајот на годината, а од следната година динамиката ќе биде на три месеци.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира