Повеќе од 10 години државните здравствени институции во Куманово немаат апарат за панорамско рентгенско снимање на забите. Ортопантомограмот во Здравствениот дом се расипал во 2006 година и оттогаш пациентите оваа услуга ја извршуваат во приватните стоматолошки ординации, седум-осум пати поскапо од вообичаеното, бидејќи државата не набавува нов апарат. Директорот на Здравствениот дом Куманово, Миомир Панковски признава дека со години им е неопходен овој апарат, но се правда дека тие немаат пари сами да го купат, па со години чекаат тоа да го стори Министерството за здравство.
„Откако се расипа ортопанот се обидовме на сите начини да го поправиме, но апаратот е од постар тип и нема делови. Од 2006 година наваму решававме други приоритетни проблеми, како што е возниот парк за брза помош на пациентите, лабораторијата која беше застарена, санација на објектите и кровот. Ортопанот е скап и цената се движи од 25.000 до 50.000 евра. Тоа е огромна сума на пари, која ние сами не можеме да ги одвоиме од буџетот со кој располагаме. И затоа стои проблемот со набавка на овој апарат. Минатата година поднесовме барање до Министерството и инсистиравме да ни се купи ортопан, комисијата констатираше дека навистина ни е неопходен, бидејќи имаме голем број на граѓани со стоматолошки проблеми. Ние сме ставени на листата за набавка, но кога ќе го добиеме незнам, поради политичките превирања се е ставено во мирување“, изјави директорот Панковски.
Директорот додава дека во Училишниот диспанзер подготвиле ординација каде ќе го постават апаратот затоа што требало да се исполнат посебни услови за јонизација. Партиципацијата кај нив ќе изнесува 80 денари, а пациентите за приватно панорамското снимање на забите плаќаат 600-700 денари. Граѓаните се револтирани поради тоа.
„Плаќам здравствено осигурување, а оваа услуга само приватно можам да ја добијам. Мислам дека е премногу 600 денари за панорамско снимање. Не знам како можат приватните лекари да го имаат овој апарат, а државните не, па зар се тие побогати од државата или некој намерно го прави ова“, се прашува една пациентка.
Лекарите кои ги консултиравме велат дека ортопантомограмот, кој е за рентегенско снимање на сите заби, многу брзо ќе ги врати парите кои ќе се вложат за негово купување, бидејќи ваквите снимања се потребни кај сите посериозни стоматолошки проблеми, за ортонцијата и орална хирургија. Во Куманово услугите на овој апарат ќе ги користат 150 илјади пациенти од целиот регион.